Тој беше на распит синоќа во полициска станица, а денеска на прес-конференција главниот јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, рече дека посредните докази укажуваат дека организаторите ги добиле информациите од нејзиниот татко за тоа кога девојчето ќе излезе од дома
Таткото на Вања Ѓорчевска пред малку е спроведен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје.
Тој беше на распит синоќа во полициска станица, а денеска на прес-конференција главниот јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, рече дека посредните докази укажуваат дека организаторите ги добиле информациите од нејзиниот татко за тоа кога девојчето ќе излезе од дома.
„За таткото засега имаме докази дека посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома, за да биде земено. Немаме сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство. Едно од осомничените лица кажа дека информациите за девојчето ги има од таткото“,
рече Бубевски на претпладневната прес-конференција, дополнувајќи дека таткото ги негирал дејствијата.
Тој потврди дека и за него ќе се бара мерка притвор.
„Од досегашниот негов исказ во полиција, не знам дали во моментот нешто ќе се смени или се сменило, таткото сè уште ги негира овие дејствија. Значи, ние неговата инволвираност за која сè уште сметаме дека е посредна во овој случај, ја вадиме од контекстот на она што го кажуваат другите инволвирани во случајот – дека едното лице им кажува дека сето ова го знае од контактот со таткото. Во однос на барањето притвор, ќе се бара – да, затоа што имаме ние основи на сомнение за негова вклученост. Ќе се бара обезбедување на негово присуство во постапката, ќе видиме и од материјалните докази што ќе произлезе денеска, можеби утре ќе произлезат некои докази и ќе ви дадеме поцелосна слика, затоа што таа е сликата што ние во моментот ја имаме и можеме да ви ја соопштиме“,
рече јавниот обвинител.
На прес-конференцијата беше посочено дека првоосомничениот, кој е организатор и извршител на убиството, е во бегство, додека на тројца од осомничените им е изречен 48-часовен притвор.
Грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска се случило рано утрото на 27 ноември во влезот од зградата во која живеела, информира министерот Оливер Спасовски.
Информациите за времето на излегување од домот, како што соопшти министерот според првичните сознанија, на организаторите им биле достапни уште претходната вечер. Тие знаеле дека Вања тоа утро ќе излезе сама од домот.
* Поврзани вести:
- Бугарско МВР: Нема информации дека Палевски е на бугарска територија
- (ФОТО) Телма стигна до локациите каде што биле закопани Вања и Панче
- Палевски имал серија кривични пријави, од даночно затајување до илегално оружје и прислушување
- Кој е Љупчо Палевски – првоосомничениот за двојното убиство
- Го однел во Белград на преглед, не знаел дека е вмешан во грабнувањето и убиството на Вања, тврди адвокатот на Палевски
- Првоосомничениот за убиството на Вања заминал од земјава со својот адвокат, прво за Белград, а потоа за Бугарија
- Вања била грабната од влезот на зградата, со врзани раце и нозе, во вреќа за спиење била ставена во гепек и однесена надвор од Скопје
- Бубевски: Тројца од петтемина осомничени го признаа делото