Претставникот на студентите од Кинезиолошкиот факултет од Загреб тврди дека студентите од Загреб немале никаква врска со собата која била запалена
Студенти од Загреб и Србија биле на петдневна екскурзија во Охрид, а хотелот во кој престојувале бил демолиран, објави 24сата.хр.
Менаџерот на хотелот, во изјава за хрватскиот портал, како виновници ги посочил загрепските студенти за кои рекол дека биле агресивни.
„Имаме големи групи студенти, но ова досега не сме го имале, никогаш немало проблем. Разбираме дека се работи за млади луѓе, но мора да се преземат мерки“,
изјавил менаџерот на охридскиот хотел за 24сата.хр.
На видеото што го објави порталот може да се види оштетен инвентар, искршени прозорци, пивски шишиња на покривот, тоалет кој изгледа како да е запален… Наводно, студентите палеле факли во собите и ходниците.
Претставникот на студентите од Кинезиолошкиот факултет од Загреб тврди дека студентите од Загреб немале никаква врска со собата која била запалена.
„На тој кат воопшто немаше студенти од Загреб. Менаџерот ни потврди дека за таа просторија се виновни инсталациите и дека не е намерно запалена. Постојано бев некаде и не можам сè да контролирам, но веднаш им пишав во групата да не прават проблеми“,
изјавил Мартин Стојчевиќ, претседател на Студентскиот сојуз при загрепскиот факултет.
Според него, тоа што биле најмногубројни не значи дека треба да бидат обвинети.
„Таму имаше 12 факултети, ние сме еден од најголемите и не е во ред да нè обвинуваат. Загреб не направи штета и не видов некој да прави проблеми. Она што го видов со свои очи беше момчиња од Мостар како кршат вазни. Сите беа на забавата по ходниците, да не нè споменуваат само нас. Видов дека има некоја штета, но не бев сведок дека некој од нашите загрепчани нешто фрлил или скршил. Велат дека сите сме агресивни, но нашите беа пријателски расположени“,
додал Стојчевиќ.
Фото: 24 сата