Министерството за труд и социјална политика бара Комисијата за заразни болести да ја разгледа можноста за зголемување на бројот на деца што се згрижуваат во градинка. Во интервју за „360 степени“, министерката Јагода Шахпаска вели дека епидемиолошката состојба во градинките и петмесечното искуство од отворањето на установите покажале дека заразата таму се шири помалку во однос на општата популација.
„Ние доставивме официјален допис до Комисијата за заразни болести, врз основа на нивната стручна експертиза да одговорат дали може да се зголеми бројот на дечиња во групите, зашто според сегашниов протокол, 50 отсто од дечињата се присутни во групите. Не знаеме каков ќе биде нивниот одговор, меѓутоа верувам и знам дека Комисијата на прво место ќе го стави здравјето на децата и заштитата од инфекцијата“,
изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Притисокот за упис во градинка расте, а на листите за чекање, според податоците од МТСП за минатата недела, имало 2 000 деца, и тоа само од приоритетната група на самохрани родители и деца на двајца родители во работен однос. За оние деца што држат место, а не посетуваат градинка, Шахпаска вели дека власта нема насоки да им го одземе правото на згрижување.
„Немаме алатка да ги принудиме родителите да го отстапат своето место по секоја цена, за да дадат место на друго дете. Во законот не постојат такви права и не се мешаме во начинот на кој директорите ги менаџираат градинките, пред сѐ во општините, единиците на локална самоуправа. Меѓутоа, како министерство и во време надвор од пандемија, работиме на апликација за електронско запишување на децата во градинките. Таа апликација треба да ги отстрани сите субјективизми што постојат во процесот на запишување во градинките“,
додава Шахпаска.
На почетокот на септември со отворањето на градинките, листата на чекање за упис во градинка броеше околу 1 500 деца. Вкупно се запишаа околу 20 000 деца, но редовно градинка посетуваа половината од нив. Дел од директорите на градинките тогаш најавија дека децата што нема да се појават подолго време ќе го загубат местото, за да се ослободи простор за оние што навистина имаат потреба од згрижување.
Според сегашниот протокол, во јасли се згрижуваат најмногу 12 деца, додека во групите до 6-годишна возраст може да се примат најмногу 15 деца.