Изборните активности не го запреа рушењето на дивоградбите во Охрид. Според последните слики од терен, продолжува отстранувањето на повеќе објекти кои се во крајбрежниот појас на Охридското Езеро.
Меѓу нив е и дивоизградената бетонска база на охридскиот советник и бизнисмен Нефи Усеини. Ако се споредат новите и старите фотографии, видливо е дека дел од објектот веќе е отстранет.
Како што изјави самиот Усеини кога беше објавено дека почнува отстранувањето на објектот, дивоградбата ја руши сам. „360 степени“ се обиде да добие став од него, но до овој момент немаме повратен одговор. Претходно, тoj посочи дека чувствувал голем товар бидејќи непотребно бил обвинуван дека е главен виновник за тоа што постоеше опасност Охридскиот Регион да го изгуби статусот на УНЕСКО.
Од Општината, пак, велат:
„Ја поздравуваме одлуката на дел од сопствениците на бесправни градби да дадат јавна поддршка на заложбите на локалната самоуправа во однос на почитување на правото и законите и ги поттикнуваме да постапат во согласност со издадените решенија за отстранување“,
велат од Општината Охрид.
Инаку, базата на Усеини се наоѓа на патот кој води кон Струга покрај населбата Далјан и почна да се гради на неколку метри од охридското крајбрежје. Близу до неа има и дивоизграден хотел кој почна да се руши во приближно исто време како објектот на бизнисменот.
На оваа локација, според информациите објавени во повеќе медиуми кога почна акцијата, рушењето го врши Општината Охрид откако сопственикот на објектот не го испочитувал дадениот рок за сам да го сруши хотелот.
Од Општината Охрид велат дека остануваат на ставот дека сите нелегални градби, кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита, ќе бидат отстранети согласно постојните законски одредби и нема да има никаква селективност во постапките.