„18 години?!“; „Се слушна ли што прочита (судијката)?!“, зборуваа роднините на обвинетите пред судницата
Роднините на обвинетите со неверување ги слушнаа казните од по 18 и 16 години затвор што ги изрече Основниот кривичен суд во Скопје за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќен клуб во Градскиот парк на 7 април годинава.
„Ова е неправда“; „Ова не е убиство“; „Млади деца се“, беа коментарите што можеа да се слушнав од роднините по изрекувањето на пресудата.
Дел од нив излегоа во судските ходници со солзи во очите поради шокот од високите казни што ги слушаа во судница.
„18 години?!“; „Се слушна ли што прочита (судијката)?!, зборуваа роднините пред судницата.
Незадоволни се и адвокатите на тројцата обвинети Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски.
Адвокатот на Костовки, Еленко Миланов, на излегување на судот на новинарите им рече дека сигурно ќе ја обжалат пресудата.
Таква најава стигна и од еден од адвокатите на Клементина, Емил Гугучески.
„Фактите не се правилно оценети. Пресудата ќе биде обжалена, превисока е определената казна. За нашата обвинета Клементина во никој не постои ова кривично дело убиство. Да, има преземено одредени дејствија, удар, но од нејзиниот удар нема настанато смрт во никој случај. Сами видовте од безбедносните камери дека нејзините удари не се такви кои би нанеле смрт. Не постои во ниеден момент прекин на ’рбетниот мозок“,
забележа адвокатот.
„Драконски се казните“, изреагира и адвокатот на Анџело, Иле Танев.
„Уште сега најавуваме жалба, мислам дека пресудата е драконска, казната е превисока. Мислам дека една трагедија не се решава со друга трагедија, ова за нас претставува голема неправда. Но, не можам да ви кажам на кои околности ќе поднесеме жалба затоа што треба да ја добиеме во писмена форма. Веројатно ќе биде во делот на правната квалификација, како што најавивме уште од почетокот. Не постои ни најмал сомнеж дека постои умисла кај обвинетите, но таков е ставот на судот и затоа сме ние тука да го оспориме и да поднесеме жалба“,
рече Танев.
Тој реагираше и дека драконска е и сумата за солидарна надомест од по девет милиони денари за мајката и таткото на Тот и осум милиони денари за братот на ракометарот.
Адвокатот Танев во изјавата за медиумите нагласи и дека Анџело дури му давал и помош на Тот, како и дека можеби ракометарот, со оглед дека бил пијан, можел да падне на земја од мало туркање.
„Анџело има полуинвалидна рака. Ракометар на еден натпревар сигурно добива десет пати посилни удари, но секако дејството на алкохолот си го прави своето. Тој можеби и само ако бил турнат ќе паднел, но тоа е констатацијата. Затоа на сите овие елементи ние ќе поднесеме жалба по добивањето на пресудата“,
изјави Танев.
Обвинителката Тања Трајчевска, пак, беше воздржана од коментари за казните велејќи дека ќе почекаат пресудата да ја добијат на писмено, но посочи дека смета оти судот правилно ги процениле фактите.
Во случајот по 18 години затвор добија Анџело Ѓоргиевски и Клементина Левковска, додека Андреј Костовски беше осуден на 16. Пресудата е првостепена.
Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ при читањето наведе дека одбраната оспорувала дека во овој случај станува збор за убиство со умисла, меѓутоа, како што рече, обвинетите биле свесни за последиците, за што како пример и отежнувачка околност наведе дека Анџело и Андреј сокриле и од Брзата помош дека му задале удари на Тот.
Како најверодостојни докази ги спомена снимките од безбедносните камери од ноќниот клуб и од системот „Сејф сити“ на кои посочи дека јасно се гледаат дејствијата на обвинетите. Судијката потсети и на сведочењата што можеа да се слушнат во текот на судскиот процес, а за дел од нив – за другарите на обвинетите – наведе дека Судот не им придава целосна верба бидејќи тие се блиски, се знаат од детство и може да бидат пристрасни за да им ја олеснат положбата.
По изрекувањето на пресудата, Обвинителството побара, а Судот им го продолжи притворот на обвинетите до правосилност на пресудата.