Неколку дена во Франција се одржуваат протести против нацрт-предлогот за Законот за општа безбедност, јави МИА.
Вечерашните протести во главниот француски град излегоа од контрола, а демонстрантите запалија и филијала на банка и објектот го означија со буквата „А“ што симболизира „Анархија“. Како што јавува МИА, запален е и киоск на плоштадот, а опожарени се и автомобили. Меѓу транспарентите со кои маршираа демонстрантите се истакнуваа и оние на кои пишуваше „Не за полициската држава“.
Демонстрации имаше и во другите француски градови кои се одвиваат под мотото „Марш на слободи против законите за слобода“. Протестите беа иницирани од синдикатите на новинарите, кои стравуваат дека со новиот закон за кој се дебатира во парламентот тие не ќе можат слободно да ја вршат нивната работа.
Полицискиот синдикат Алјанс, изрази загриженост за малиот број на припадници на силите на редот што требаше да ги обезбедуваат денешните протести.
Претседателот, Емануел Макрон, вчера се вклучи во дебатата за законот, притоа повика на примерна полиција и побара од Владата предлози за борба против дискриминацијата.
На плоштадот Бастилја дојде и до судири со полицијата, по што полицајците употребија и солзавец и водени топови за да ги растераат демонстрантите.
Според првичниот извештај на францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманан, 37 полицајци се повредени за време на немирите во Париз. Министерот за внатрешни работи на Твитер го осуди насилството врз полицијата.