„Нацијата е обединета против угнетувачот и тиранијата. Нацијата е обединета во својата желба да ја распарчи. Нацијата е обединета во совеста. Нацијата е обединета во правдата. Нацијата е обединета во борбата по заедничка судбина и заедничка иднина. Ѕидовите на стравот се урнати, младите стојат, жените стојат“, вели Имамоглу во видеото подготвено со вештачка интелигенција од затворот во кој се наоѓа во Силиври

Десетици илјади луѓе се собраа во Истанбул на протест против притворањето на градоначалникот Екрем Имамоглу, главниот политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Стотици илјади Турци ги послушаа повиците на опозицијата и излегоа на улиците во градовите низ земјата, откако Имамоглу беше приведен минатата недела под обвинение за наводна корупција.
„Протестите се главно мирни, но досега се приведени речиси две илјади лица“,
пренесува Ројтерс.
Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу, најголемата опозициска политичка групација, пишува Ројтерс, заедно со остатокот од опозицијата, групите за човекови права и западните држави, веруваат дека случајот против Имамоглу е од политичка природа, обид да се елиминира изборната закана за Ердоган. Владата го отфрла ова, тврдејќи дека таа не влијае на судството, односно дека судовите се независни.
Десетици илјади демонстранти со турски знамиња и пароли, денеска пристигнаа на брегот во областа Малтепе, на азиската страна на најголемиот турски град. Митингот „Слобода за Имамоглу“ беше организиран од ЦХП.
„Ако правдата молчи, народот ќе проговори“, пишува на еден од транспарентите.
„Насоката на економијата, судството, законодавството – сè оди надолу. Затоа сме тука. Ги истакнуваме правата, законите и правдата и тука сме да ги бараме“,
рече еден од демонстрантите.
📹📸 Turkiye -CHP is holding a protest & early election rally in Maltepe, Istanbul against Imamoglu's arrest. Rally led by CHP is attended by Labor Party (EMEP), Turkish Workers' Party (TİP), People's Equality and Democracy Party (DEM Party) and Left Party, BTP, Homeland Party pic.twitter.com/f6WkU18c2F
— Mete Sohtaoğlu (@metesohtaoglu) March 29, 2025
На протестот, како што пренесува турската новинска агенција „Анка“, на присутните во Малтепе со видео подготвено со вештачка интелигенција од затворот во кој се наоѓа во Силиври им се обратил и Екрем Имамоглу.
„Можат мене и нас да не ставаат во затвор и да не судат колку што сакаат. Нацијата покажа дека ќе ги уништи сите замки и завери. Нацијата покажа дека е сопственик на државата. Јас ветив кога тргнав на овој пат дека нема да ги злоупотребам моите права. Нацијата заслужува. Ќе си го одржам зборот, никогаш нема да се повлечам“,
рече Имамоглу, пренесува „Анка“.
Имамоглу заблагодарувајќи се на поддржувачите, вели дека со лојалноста кон нацијата и решеноста да и служи ќе има „чест да ја круниса нашата Република со силна демократија“.
„Нацијата е обединета против угнетувачот и тиранијата. Нацијата е обединета во својата желба да ја распарчи. Нацијата е обединета во совеста. Нацијата е обединета во правдата. Нацијата е обединета во борбата по заедничка судбина и заедничка иднина. Ѕидовите на стравот се урнати, младите стојат, жените стојат“,
додава Имамоглу.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека оваа недела се приведени речиси 1 900 луѓе.
Ердоган ги отфрли протестите како „шоу“ и предупреди на правни последици. Тој ја повика ЦХП да престане да ги „провоцира“ Турците.