Протест против полициската бруталност се одржа денеска во Битола како реакција на видеото кое се ширеше по социјалните мрежи на кое се гледа како полицаец тепа двајца сограѓани кои направиле сообраќајна несреќа.
Протестот освен што беше реакција против полициската бруталност во целост, се протестираше и против дискриминацијата на Ромите, бидејќи жртвите кои беа нападнати од полицајците беа Роми.
Демонстранттие маршираа од главната пошта во Битола, па се до полицијата, а беше во организација на Иницијатива „Аваја“ заедно со здруженијата: „Ромалитико“, „Романо Авази“, „Ромаверзитас“, „Баирска Светлина“, „Сумнал“ и „Ромско Јато“.
Нивните барања се овој случај да се реши до крај и полицаецот да биде санкциониран, но бараат и понатаму ваквите случаи да не остануваат без правна разрешница.
Откако случајот беше објавен на социјалните мрежи, МВР преку Одделот за внатрешна контрола поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал против еден од полициските службеници поради физичко насилство. Против него е покрената и дисциплинска постапка и суспензија од работа.
И против неговиот колега кој го гледаше тепањето е покрената дисциплинска постапка и е суспендиран од работното место затоа што не презел ништо.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера ја осуди ваквата полициска бруталност и рече дека ваквите дела најстрого ќе се санкционираат.
Тој потенцира дека не се работи за насилство на етничка основа, туку за изолиран случај, но нагласи дека ниту еден вид насилство нема да се толерира од полициските службеници.