Ние во образованието имаме многу малку мотивирани наставници. Новата концепција дава автономија на наставници, но ќе бара и одговорност, вели универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка во вечерашната дебата на „360 степени“.
Петроска – Бешка е и член на работната група што ја изготви новата концепција преку која треба да се спроведат реформите во образованието. Таа вели дека со новите реформите наставниците ќе ја добијат шансата за кариерен развој, нешто што и досега го имаше во законот, но не се применуваше.
„Во законот е влезено дека наставниците во кариерниот развој напредуваат стекнувајќи различни звања и степени со оглед на квалитетот што го испорачуваат. Но, во практика тоа воопшто не функционира. Така што, новата концепција ќе биде проследена со практична имплементација на тоа“,
вели Петроска – Бешка.
Таа додава дека интегрираниот пристап како што е замислен со концепцијата ќе ги растерети наставниците од индивидуални планирања, дневни подготовки за часови, кои вообичаено постојат само на хартија, а на часовите се реализраат поинаку.
„Досега се случуваше еден наставник да напише дневна подготовка, па сите други да ископираат. Сега ќе мора заеднички да испланираат и заеднички да сносат одговорност за тоа што ќе се реализира“,
вели Петроска – Бешка.