Шест лица се приведени во рамките на вчерашната акција во која се запленети околу 200 килограми марихуана, а меѓу приведените е и висок полициски службеник од Прилеп.
Како што информира Министерство за внатрешни работи, поднесени се кривични пријави за Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, предвидено и казниво по чл. 215 ст. 3 од Кривичниот законик.
Акцијата се одвивала во координација на МВР и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА.
На патниот правец Прилеп – Росоман во близина на с. Раец, вчера биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога.
„Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми. Во Прилеп, во исто време, е лишен од слобода и М.С., кој управувал товарно возило ‘ивеко’, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група Д.Ј., кој управувал патничко возило ‘опел астра’, со скопски регистарски ознаки“,
информира МВР.
При претрес во домовите на приведените пронајдени се парични средства, оружје, луксузни часовници и друго. Во текот на ноќта извршена е контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У..
„Сите шест лица денеска ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд, а продолжува интензивна истрага со цел идентификување на други инволвирани лица во неовластена набавка, држење, пренесување и продажба на наркотична дрога“,
информира МВР.