Најголема казна затвор од 14 години и шест месеци за уништувањето на опремата за прислушување во предметот „Тврдина“ доби ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е во бегство. Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пак, доби ослободителна пресуда
Судењето за „Таргет-Тврдина“ почна во 2017 година. Во февруари 2021 година имаше прва првостепена пресуда, кога директорот на некогашната УБК, Сашо Мијалков, доби 12 години затвор. Но веќе следната 2022 година скопскиот Апелациски суд го врати предметот на повторно судење. Тогаш предметот стоеше во фиоката на апелацискиот судија Енвер Беџети дури девет месеци. За тоа Судскиот совет му изрече само дисциплинска мерка и го казни парично. Во меѓувреме на Мијалков му застари делото

Предметот „Таргет-Тврдина“ се однесува на најголемото откриено масовно прислушување, не само во Република Северна Македонија, туку и пошироко во Европа. Вака денеска го започна читањето на пресудата судијата во скопскиот Кривичен суд, Илија Трпков.
Тој рече дека со тоа им биле повредени приватноста и личните права на македонските граѓани – бизнисмени, политичари, новинари и други.
„Ова е предмет кој со право предизвика огромен гнев кај граѓаните. А како не би предизвикал гнев кога со прислушувањето се влијаеше на сите општествено-економски, политички и други процеси во државата. Уште еднаш напоменувам, длабоко се навлезе во приватноста на прислушуваните личности. Со тие прислушувани разговори се држеа како заложници многу луѓе и целата држава“,
рече судијата Трпков.
Тој во детали објаснуваше како дел од обвинетите во случајот „Тврдина“ ја уништувале опремата за прислушување која била смачкана на една и дробена на друга локација, наводно бидејќи е нефункционална и застарена.
„Присутен бил и обвинетиот Горан Грујевски кој е недостапен за државните органи. Тони Јакимовски и Никола Бошковски, кој е недостапен за државните органи, ги отстранил пречките за извршување на кривичното дело и обезбедил логистичка поддршка за спроведување на ништењето на начин што го организирал превозот до правното лице, го набљудувал процесот на ништење и му дал налог на сведокот Ристо Валкановски да изврши фото и видеодокументирање на настанот. Па оттука, целата опрема и системи биле ставени на пресата за ништење и пресување, остатоците биле избалирани и оставени на отпадот“,
се вели во пресудата.
Потоа, балираната опрема за прислушување ја пренеле во фирма во скопската населба Маџари каде што била ставена во дробилница и доуништена.
Со тоа обвинетите ѝ направиле штета на државата од 1 418 000 евра.

По образложението, судот ја соопшти пресудата. Најголема казна од 14 години и шест месеци доби ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е во бегство. Во бегство е и Никола Бошковски, вработен во некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој доби девет години и десет месеци затвор. На обвинетиот Тони Јакимовски, кој му бил шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, му е досудена затворска казна од три години. Тој присуствуваше на изрекувањето на пресудата. Во судницата беше и обвинетата Валентина Симоновска која доби условна казна од две години. На нозе пресудата ја слушаше и поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која е ослободена од обвинение.

Судијата Трпков рече дека тој има личен впечаток дека присутните обвинети знаат многу повеќе за тоа што се случувало со прислушувањето, но дека не сакаат да зборуваат за тоа.
„Како да не сакаат да кажат и да посочат некого. Како да сакаат да скријат некого. Обвинетата Силвана Златкова, родена 1972 година, која во текот на постапката почина, со себе однесе сè што ѝ е познато со предметот. Кај некои од обвинетите се чувствуваше и акумулиран гнев, но и страв“,
рече тој.
По читањето на пресудата, адвокатот и сопруг на Гордана Јанкулоска, Влато Илиевски, пред Кривичниот суд изјави дека е задоволен од пресудата и оти очекува Апелација да ја потврди.
„Од она што го слушнавме денеска од судијата, може да се заклучи дека судот ги прифати наводите на одбраната дека кај Гордана Јанкулоска не постоеле ниту умисла ниту намера да се уништи конкретната опрема, а уште помалку да се причини каква било штета на државата и на Министерството. Задоволни сме од пресудата, чекаме Апелација да ја потврди. Понатака се надеваме дека ако не во кривична, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и да се надомести нематеријалната штета што Гордана Јанкулоска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушувањето“,
изјави Илиевски.
Денешната пресуда всушност беше за „Тврдина“, предмет кој е остаток од големиот предмет „Таргет-Тврдина“ за масовното незаконско прислушување. Откако беа донесени измените на Кривичниот законик во септември 2023 година, дел од кривичните дела застареа. Од предметот остана само делот за уништувањето на опремата и за фалсификување на исправата за уништувањето.
Судењето за „Таргет-Тврдина“ почна во 2017 година. Во февруари 2021 година имаше прва првостепена пресуда, кога директорот на некогашната УБК, Сашо Мијалков, доби 12 години затвор. Но веќе следната 2022 година скопскиот Апелациски суд го врати предметот на повторно судење. Тогаш предметот стоеше во фиоката на апелацискиот судија Енвер Беџети дури девет месеци. За тоа Судскиот совет му изрече само дисциплинска мерка и го казни парично. Во меѓувреме, во октомври 2023 година, со донесените измени на Кривичниот законик еден месец претходно, застари предметот „Таргет“, а со тоа му застари и делото на Мијалков.
Подоцна, судијата Енвер Беџети се најде и на американската црна листа поради вмешаност во значителна корупција.
Но и денешната пресуда има рок. Ако за неколку месеци не стане правосилна, и неа ѝ се заканува застарување.
Судијата Илија Трпков при читањето на пресудата рече дека не смеело да се дозволи да застари предметот во делот на прислушувањето, а сега не смее да се дозволи да застари и остатокот.
„Се случи упад во судската власт преку измена на Кривичниот законик, измена која доведе до застарување на дел од овој предмет, но и на други предмети. Не ми е јасно како, и по толку години демократија, тие што ги носеа и имаа влијание на законите не разбраа дека секој упад и обид за влијание во судството и судските постапки не носи ништо добро ниту за нив, ниту за граѓаните. Секогаш, без исклучок, народот го забележува тоа“,
рече судијата Трпков.
Трпков порача дека не смее да се дозволи да застари и остатокот од предметот за уништување на опремата и дека сè уште постои шанса за барем делумно задоволување на правдата.