Најдобар показател дека во Преспа нешто тргнало на подобро се дрвените платформи кои после подолго време се речиси целосно под вода. Лани, кога заврши сушниот период, тие беа целосно на суво. Но, сега повторно повторно почнува сушниот период во нормалниот циклус на езерото, што го отвора прашањето – колку влажни зими и лета се потребни за Преспанското Езеро да се врати во „нормала“
Грубиот одговор е веројатно и децении. Кога „360 степени“ беше во Преспа, нивото на езерото беше на 841,98 метри надморска височина. За нулта кота на езерото е утврдена котатата од 847,6 метри надморска височина. Состојбата на која сега сите се радуваат денеска е за околу половина метро повисоко ниво на водата од лани ова време. Треба да се надокнат уште пет и пол
Влажната есен, снегот изминатава зима и пролетните дождови продонесоа за значително зголемување на нивото на Преспанското Езеро. Според официјалните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од декември минатата година досега водостојот е зголемен за 111 см.
Но, на терен не се потребни бројки за да се дознае состојбата со нивото на водата во Преспанското Езеро. За локалните жители показател за тоа се дрвените платформи. Онаа во Претор до пред само неколку месеци била целосно на суво.

Борче Ристевски од преспанското село Курбиново често доаѓа на плажата во Претор со својот син Александар.
„Цело време варира Преспанското Езеро. Јас како дете го паметам, било многу повисоко, речиси до патот, така ми кажуваат моите, а јас го паметам на 20-30 метри од патот. Но, 90-тите години почнало нагло да се повлекува. Беше и многу пониско од сега и од ланската година. Но, ете, за среќа има знаци на покачување“,
вели Борче Ристевски – жител на Курбиново.

Во Претор е и мерната станица на УХМР. Кире Костовски е еден од вработените што мери повеќе параметри како врнежи, температура, влажност на воздухот.
Според податоците од мерењата во последните 12 месеци, натпросечни врнежи имало во ноември лани, како и во јануари, февруари, април и мај годинава.
Таквите врнежи придонеле водостојот значително да се зголеми. Во јуни 2025 година, тој изнесувал -618 сантиметри од нултата кота која е поставена на 847,6 метри надморска височина. По летните месеци во кои нема врнежи, апсолутниот минимум е достигнат во ноември, -673 сантиметри од нултата кота. Оттогаш нивото расте за да стигне до -575 сантиметри од нултата кота во мај. Тоа значи дека, во просек, минатиот месец нивото на водата во Преспанското Езеро било повисоко за 44 сантиметри споредено со водостојот од ова време минатата година.
„Се забележува перманентно зголемување на водостојот на Преспанското Езеро особено кон крајот на 2025 година и почетокот на 2026 година во кој период водостојот на езерото е зголемен за 111 см. Зголемувањето на водостојот од крајот на 2025 година и во текот на 2026 година е добар индикатор за можно подобрување на состојбата со езерото доколку и во наредниот период, наредните години, продолжат влажните месеци со врнежи од дожд и снег“,
вели Кире Костовски – УХМР-Претор.

Сепак, колку недостасува за езерото да се врати во некаква нормала, говори следниот графикон од истражување на Македонското еколошко друштво, а врз основа на историски податоци на УХМР за мерната станица Наколец.
Во 1963 година, езерото го достигнало својот историски максимум од кога се почнати мерењата – водата била на речиси 852 метри надморска височина. Во следните триесетина години, до почетокот и средината на 90-тите години од минатиот век, нивото паѓа за осум метри, до 844 метри надморска височина. Потоа, иако има и добри години, нивото во октомври 2020 година било на 843 метри надморска височина. Само за споредба, денешното ниво на кое сите се радуваат затоа што е подобро од ланскиот минимум, изразено во надморска височина, е 841,98 метри надморска височина.
Петнаесетина километри оттука е најужното населено место во Македонија – Долно Дупени. На плажата го сретнавме 79-годишниот Славе Калајџиевски – некогаш активен како риболовец.
„Водата беше точно до оној објект покрај главниот пат“, покажуваше Славе велејќи дека дури оттаму некогаш фрлал мрежи за ловење риби. Рече дека пред неколку месеци нивото на водата било десеттици метри подолу, покажувајќи кон корморан што стоеше на дрвен столб чиј врв ѕиркаше над водата.

„Езерото најмногу може да го заштити самата природа“, вели тој. Потсетува дека тоа е на поголема надморска височина од Охридското Езеро. Ги дели планината Галичица. Под неа, водата од Преспанското истекува во Охридското, што е научно докажано.
Славе посочува и на фактот дека езерото го делат три држави – Македонија, Грција и Албанија, па смета дека е неопходна заедничка акција што не е лесно да се направи.
„Што повеќе сопственици толку е потешка регулацијата односно преземање на одредени мерки во каков било поглед за зголемување на нивото на езерото односно за умереност во исцрпувањето на езерото за наводнување и сл.“,
смета Славе Калајџиевски – жител на Долно Дупени.
За усогласување на напорите за заштита на езерото од трите држави учествува Општина Ресен. Во февруари годинава е потпишан стратегиски акционен план со кој треба да се настојува за истовремено воведување мерки.
„Во однос на тоа по која надморска висина се мери, секоја држава има различно ниво во однос на кое мери. И сега тие податоци за сите три држави се, можеме да речеме, различни. Или, на пример, забраната за лов не е во сите три држави во ист период, некој ден порано, некој ден подоцна. Сите овие мерки кога би се усогласиле за сите три држави за да се применуваат истовремено, автоматски ќе предизвикаат поточни податоци и нормално со сите тие податоци ќе може да се формира база на податоци што ќе помогне тие испитувања да се стават во одредени бази што ќе ни помогнат како да се преземаат мерки за заштита“,
изјави Маја Котевска – раководител на одделение за управување со води во Општина Ресен.

Градоначалникот Јован Тозиевски сподели уште поповолни информации. Според општинските мерења, нивото на езерото веќе е подигнато за 160 см. Тој вели дека општината реализира проекти за заштита на квалитетот на езерската вода и нејзиното ниво.
„Во моментов веќе на подрачјето на целиот дел на крајбрежјето на речиси сите населени места се градат канализациони системи со пречистителни станици. Ние како локална самоуправа продолжуваме на делот од Ресен по течението на главната притока на Голема Река исто да интервенираме од таков тип најпрво за квалитетот и за тие насипи што речните корита ги носат во езерото да влијаеме и да надополниме со прочистена вода во одржувањето на басенот на езерото“,
рече Јован Тозиевски – градоначалник на Општина Ресен.

Нашиот соговорник Славе Калајџиевски вели дека веќе 16 години не ги фрлил своите рибарски мрежи во езерото. Тоа сега го остава за помладите генерации.
„Се надевам дека природата ќе биде милостива и ќе ни подари повеќе врнежи, повеќе вода, повеќе разбирање меѓу луѓето и дека еден ден ќе имаме езеро со многу повеќе вода и на повисоко ниво од сегашното“,
рече тој додека седеше на дрвена клупа гледајќи кон езерото.
