Почетокот на градбата на 10,5 километри автопат се очекува во август, а според договорот, рокот за изградба е околу 4 години. Избрани се консултант и изведувач, а номинацијата на надзорот е во фаза на евалуација
Премиерот Христијан Мицкоски обвини дека автопатот Скопје – Блаце со години бил симбол на неисполнети ветувања, кажа дека речиси секоја влада го ветувала, а одредени политички партии со години „се удирале во гради“ дека токму тие најмногу се грижат за овој дел од државата
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, и директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Македонија, Фатих Туркменоглу, денеска потпишаа договор за инвестициски грант за доградба на преостанатите 10,5 километри од автопатот Скопје – Блаце.
Парите за грантот се од рамката за инвестиции на Европската Унија за Западен Балкан. Грантот е 30,8 милиони евра, а заемот е 167,6 милиони евра. Со ова се комплетира финансиската конструкција за изведба на патот Скопје – Блаце, од клучката кај Стенковец до границата со Косово, кажа директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
„Должината на овој автопат е 10,5 километри кои се предмет на денешниов заем, претходно беа направени 1,5 километри, така што вкупната должина е 12 километри. Овие 10,5 километри кои се предмет на денешниот заем ќе имаат во двата правци по две ленти со ширина од 3,5 метри и лента за застанување од 2,5 метри. Вкупната ширина на патот ќе биде 27 метри. Теренот е ридско-планински и е дел од масивот на Скопска Црна Гора. Ова е исклучително тежок терен за изведба, затоа во проектот се предвидуваат 5 тунели со по две цевки со вкупна должина од 5 километри, 9 мостови со должина од 2,5 километри, 11 отпатници, 4 галерии за стабилизација на косини и 9 потпорни ѕидови, исто така за стабилизација на косините“,
кажа Трајановски.
Почеток на градбата се очекува во август, а според договорот рокот за изградба е околу 4 години. Избрани се консултант и изведувач, а избор на надзорот е во фаза на евалуација.

„Изградбата треба да почне наскоро, што значи дека ова е навистина добар напредок и навистина ни е драго што сме дел од сето тоа. ЕБОР остануваат посветени на тоа да ја поддржуваат земјата, особено во развојот“,
рече Туркменоглу.

На потпишувањето на договрот присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, заменик-министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи-Шаќири, и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас.
Николоски потенцира дека по децении игнорирање на домашната градежна оператива, автопатот ќе го гради конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“.
За него, реализацијата на овој проект е потврда на визијата на власта за државата – да ја искористи својата стратешка позиција за да се развива, без разлика што нема излез на море.
„Автопатското решение треба да оди по трансевропската рута 6, кое треба да ги поврзе Скопје и Приштина, но и да продолжи понатаму на запад со поврзување со Тирана и Драч, и исто така северозападно да продолжи со поврзување со Бар. Со тоа, кон Скопје се отвора уште едно пристаниште и уште една можност за трговија, за бизнис, но исто така и за развој на туризам“,
кажа Николоски.

Евроамабасадорот Михалис Рокас кажа дека ова е долгорочна инвестиција, а проектот ги исполнува стандардите на ЕУ.
„Горди сме што имаме 41 милион евра во грантови, што вклучува 37 милиони за изградба и надзор и заедно со заемот од ЕРБОР и националниот придонес, оваа инвестиција од повеќе од 235 милиони евра е еден од најважните проекти за транспорт на земјата. Но, секако сликата е многу поголема. Откако проектот ќе биде завршен, ќе нуди побезбедна поврзаност со границата со Косово, ќе го намали времето потрошено на патување, а и ќе ги приближи граѓаните од двете страни на границите“,
рече Рокас.

Премиерот Христијан Мицкоски обвини дека автопатот Скопје – Блаце со години бил симбол на неисполнети ветувања, кажа дека речиси секоја влада го ветувала, а одредени политички партии со години „се удирале во гради“ дека токму тие најмногу се грижат за овој дел од државата.
„На крајот од сето тоа останаа само празни зборови, по неколку купени парцели на трасата на оваа делница од овој автопат од одредени лица со сомнителна позадина и лица коишто се поврзуваат со некои политички партии, сето останато остана само на ветувања, за жал. Денеска разликата е јасна и видлива, оваа влада нема намера да биде запаметена по изговори“,
посочи тој.

Во врска со проектот, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, во гостување во „360 степени“ минатиот месец, кажа дека претходната влада изградила два километри од автопатот Скопје – Блаце и оставила проект, експропријација на земјиште и осигурена финансиска конструкција, за патот да може целосно да се догради.
Тој ги оцени како срамни тезите на власта дека проектот бил непотребно одложуван, како и дека интегративците купувале ниви на места каде што мислеле дека ќе поминува трасата и дека експропријацијата ќе помине токму по тие ниви, а таа сега е делумно променета.
