Засега не се предлагаат други мерки. Одлуката да се препорача полициски час е откако е забележано зголемување на бројот на заразени, а најмногу во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид
Се предлага полицискиот час од 22 до 5 часот да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус, тогаш кога очекуваме да има вистински резултат. Можеби ќе има измена на таа препорака.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција откако претходно на социјалните мрежи посочи дека предлогот е полицискиот час на цела територија да започне од среда (10 март). Предлогот од Комисијата за заразни болести, министерот денеска го даде на седница на координативниот кризен штаб.
Филипче на прес-конференцијата посочи дека се препорачува ваква мерка откако во изминатите десетина дена се зголемува бројот на заразени.
„Инциденцата најмногу е зголемена во Скопје, понатаму регионот во Кавадарци и Неготино, Прилеп и во Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето Инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница. Исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје има секојдневно сѐ поголем број случаи кои бараат хоспитализација и затоа во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се спремни сега сите интерни клиники. Тоа го организиравме денеска во текот на утрото како што беше во ноември“,
посочи Филипче.
Ударот кон болниците, во смисла на прилив на нови пациенти, потенцира министерот, не е така нагол, како што беше на почетокот на ноември и тоа е една значајна разлика без оглед на зголемувањето на инциденцата.
„Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато, односно дали бранот што сега се јавува ќе биде идентичен на тој во ноември. Тука има поделени мислења на епидемиолозите, но ние мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето после 22 часот поради тоа што сметаат дека навистина има групирање после затворање на угостителските објекти без почитување на превентивните мерки на јавни површини, простори итн. “,
додаде Филипче.
Тој рече дека, освен предлогот за воведување полициски час, засега нема да препорачаат други мерки, а конкретно за угостителските објекти истакна дека тие работат по протоколи и би немало потреба за некои мерки ако тие се почитуваат. Истовремено, Филипче апелираше инспекторите, и покрај тоа што имаат многу работа, да ги интензивираат контролите. Засега нема да се бара ниту одлучување на пописот.