Соња Мејси (36) самата повикала полиција поради сомнеж дека некој провалил во нејзиниот дом. Откако полицајците не нашле никого, видеоматеријалот од камерите покажува како на крај разговараат со неа внатре во куќата, додека таа бара документ за лична идентификација низ ташните за да можат да напишат извештај
Во еден момент, еден од двајцата полицајци забележува дека ѝ врие вода во тенџере на шпоретот и ѝ вели дека не им треба пожар во моментов. Таа станува да го тргне. Следува кратка и банална расправија по која едниот полицаец пука три пати во жената и ја убива бидејќи не сакал да ризикува „зовриена вода во лицето“
Соединетите Американски Државни се наоѓаат пред ново поглавје во дебатата за употребата на смртоносна сила од страна на полицијата врз црните Американци. Поводот, овојпат, е убиството на 36-годишната Соња Мејси, афроамериканка од градот Спрингфилд во државата Илиониос, на околу 300 километри јужно од Чикаго. Настанот се случил на 6 јули, но денеска се објавени снимките од камерите кои ги носат тамошните полицајци. Целиот материјал можете да го погледнете ТУКА.

Настанот почнува со тоа што токму Соња Мејси повикува полиција бидејќи се сомнева дека можеби има крадец во нејзиниот дом. Двајцата полицајци кои се испратени на повикот прават обиколка на куќата, при што наоѓаат само празно возило со оштетени стакла на нејзината патека за паркинг. Потоа ѕвонат на влезната врата.
Спушти го тенџерето
На Мејси ѝ се потребни околу три минути за да излезе, а кога ќе го стори тоа, веднаш вели „не ме повредувајте“. Разговорот продолжува релативно нормално, при што полицајците ѝ објаснуваат дека направиле обиколка и дека не нашле ништо сомнително. Таа, иако слуша смирено, на моменти повторува „те молам, Господе“ и „ми треба помош“. Во краткиот разговор, тие ја прашуваат за што ѝ треба помош. Таа им одговара дека слушнала нешто надвор, а тие повторуваат дека нема никој околу куќата. Ја прашуваат дали може да ѝ помогнат нешто друго, на што таа вели „не“ и им се заблагодарува.
Но, баш кога таа тргнува да ја затвори вратата, еден од полицајците ја прашува дали е нејзино возилото на патеката за паркинг. Таа вели не. Едниот од полицајците го проверува возилото преку радио-станица и потоа сите тројца влегуваат во куќата. Разговорот за возилото станува неважен и едниот од полицијаците ѝ бара каков било документ за идентификација за да може да напише извештај и да си одат.
Sonya Massey’s last words were, “I rebuke you in the name of Jesus,”
— Mike Baggz (@MikeBaggz) July 23, 2024
Which almost instantly awakened the demon in that white man. #RIP
pic.twitter.com/vd3tMig55z
Мејси пребарува низ две ташни седната на тросед, во обид да најде личен документ, кога едниот од полицајците, Шон Грејсон, забележува дека ѝ врие вода во тенџере оставено на шпоретот во кујната и ѝ се обраќа:
„Не ни треба пожар додека сме овде“.
Мејси веднаш реагира на забелешката на полицаецот, станува од дневната, преоѓа во кујната и го зема тенџерето со зовриена вода и го преместува близу до умивалникот. Се чини дека таа и полицаецот Грејсон се смеат за садот со зовриена вода, кога таа наеднаш вели „те укорувам во името на Исус“.

Полицаецот Грејсон ѝ возвраќа „Подобро да не го сториш тоа или се колнам во Бог дека ќе пукам во твоето лице“, притоа користејќи и пцости. Веднаш го вади пиштолот и го вперува во жената и ѝ наредува да го спушти тенџерето. Во тој момент, меѓу двајцата има шанк и барем неколку метри растојание.
Мејси веднаш одговара „Ок, извини“ и клекнува на земја. И покрај тоа, полицаецот Грејсон пука три пати во неа постојано извикувајќи – „спушти го тенџерето“.
Веднаш по пукањето, вториот полицаец вели дека ќе оди да го земе приборот за итна медицинска помош. Грејсон му вели:
„Можеш да го земеш, но ова е погодок во глава. Не можеш ништо да направиш“,
Потоа додава:
„Што друго да правиме? Не сакам да добијам е…а зовриена вода на е…..о лице“
се слуша како кажува Грејсон.
Грејсон е веќе отпуштен од работа, а обвинителството му поднесе три обвиненија, меѓу кои и за убиство. Ако биде осуден за сите дела, може да добие и до 45 години затвор. Тој се изјаснил за невин.
Што е многу, многу е
Џејмс Вилбурн, таткото на Соња, изјави дека сака „правда за своето дете“ и дека овојпат „ја убивте погрешната црна жена“.

„Луѓето од оваа општина се добри. Но, ќе ви кажам на сите, шерифот е за срамота. Овој човек никогаш не требало добие значка, да добие пиштол и никогаш не требало да добие шанса да го убие моето дете бидејќи тој има сериозни дамки на неговото досие. Овој човек има две пресуди, една за возење под дејство (на дрога н.з.). Каков срам, каков срам за оваа општина“,
изјави Џејмс Вилбурн, татко на убиената Соња Мејси.
Реакција стигна и од претседателот на САД, Џо Бајден. Изрази сочувство до семејството и додаде дека афроамериканците се соочуваат со страв на начини на кои останатите не го чувствуваат.
Јавниот обвинител на Илиноис повика на смиреност по објавувањето на видеоснимките.