Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за проблемот со пасошите кој го има министерството.
Таа вели дека информациите околу состојбата со документите е работа на еден оддел од МВР и тоа е дел од редовното работење.
„Пропустот настанува во еден од овие оддели којшто е задолжен за магацинското работење. Тие треба редовно да известуваат за состојбата со патните обрасци. Тука настанува голем пропуст. Тој пропуст понатаму повлекува одговорност од сите чинители во моментот во МВР, вклучително и јас чувствувам одговорност, иако по некои правила немам одговорност, но чувствувам одговорност затоа што една од обврските на МВР е да издава документи за граѓаните не ја исполнува навремено“,
вели Петровска.
Запрашана дали некој е санкциониран за ова, Петровска вели дека според информациите кои ги има, никој не е санкциониран.
„Дел од тие коишто беа одговорни во тој момент кога настанува проблемот, дури се и наградени од страна на министерот Чулев. Еден од одговорните во тој момент за магацинско работење сега е негов личен советник, а другиот е унапреден во началник на организиран криминал “,
рече Петровска.
Петровска вели дека и таа и Чулев за проблемот биле известени на почетокот на јануари и дека прв состанок во поширок состав бил дури во понеделникот на 17 февруари, за што го обвини техничкиот министер.