Освен петтемина кандидати за градоначалник, во општина Македонска Каменица поднесени се и пет советнички листи за претстојните локални избори.
Големиот број листи остава впечаток дека граѓаните се длабоко поделени во политичките ставови, но истовремено и дека Каменичани се испреплетени на многу други начини. На пример, соперници на различни советнички листи не ретко се роднини, а во еден случај и двајца браќа се тркаат за советнички мандат, но на различни листи
Ова мало рударско катче во источна Македонија, се соочува со феномен во пресрет на изборите закажани за 17 октомври годинава. Општина Македонска Каменица има 6 и пол илјади граѓани со право на глас и дури пет кандидати за градоначалници на претстојните локални избори.
Градот го посетивме на пазарен ден. Сакавме да слушнеме од што повеќе Каменичани – како гледаат на големиот број кандидати за градоначалник во мала општина.
„Па шо знам, секој сака да биде градоначалник, никој не сака да биде работник. Ќе видиме, од тие 5 ќе видиме, еден ќе е.“
„360°:Ги познавате?
Ги познаваме … борба за власт, што да ти кажам, за фотелји.“
„360°: Зошто толкав интерес?
Па, веројатно за нивни интерес они одат, не одат за наш.“
„Арно е така, нека се борат.“
„Убаво е. Убаво е да има избор, не да е еден, него да има што да избираме“,
велат жителите.

Изборите секогаш успеваат да го окупираат секојдневието, но во него, за обичниот Каменичанец, има други поважни работи.
„Земјоделието не ни врви, оризот нема некоја цена.
360°: Мислите дека може градоначалникот да помогне?
Па зошто да не.
360°: Како?
Па штом е политичар треба да се снајде.“
„Ќе гласам, и ќе барам. Мислам јас и да барам, којзнае дали ќе ми се исполни желбата, него сакам градоначалникот да се интересира за граѓаните.“
„Многу размислувам и дали воопшто ќе гласам.
360°: Зошто?
Заради некое незадоволство.
360°: Ги знаете кандидатите?
Па ги знаеме, па баш дека ги знаеме.“
„И десет да се за нас е исто. Ние кај градоначалникот не сме стапнале, не знаеме и ни кој е, ни што е, не ни помага никој на нас.“
коментираат граѓаните.
За првпат откако е оформена општина Македонска Каменица, за градоначалничката позиција истовремено се натпреваруваат 5 лица. Втор мандат бара актуелната градоначалничка од редовите на СДСМ, Соња Стаменкова. Кандидат на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, е Димчо Атанасовски, а во трката се и тројца независни кандидати, Перо Митревски, Ангелчо Георгиевски и Миран Митревски.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Димчо Атанасовски, е наставник по музичко во основно. Не само што првпат се трка за градоначалник туку и првпат прави обид да го смени работното место. Целта му е, како што вели, да го подобри целокупниот животен стандард на Каменичани.
„Нашата општина има можности, ресурси, со што би можела да овозможи пристоен живот на нашите граѓани. Искрено, во последните години, не сум задоволен од начинот на работење од актуелната локална власт, знаејќи ги можностите на самата општина. Јас искрено мислам дека можеме многу подобро, многу поубаво и подостојно да живеат нашите во Македонска Каменица“,
вели Атанасовски.
Тој не се плаши што, освен со СДСМ како стандарден ривал, овојпат се бори со уште тројца независни кандидати.
„Јас ги почитувам моите противкандидати. Тие се мои сограѓани, им посакувам сè најубаво. Меѓутоа, на 18 октомври, Македонска Каменица ќе има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.“

Еден од противкандидатите на Атанасовски е Перо Митревски. Зад себе има 12 години искуство како градоначалник или вкупно три мандати, прво како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и на ВМРО-Народна партија. Овојпат среќата ќе си ја проба како независен кандидат.
„360°: Зошто независен, а не преку партиите што претходно ве кандидирале?
Партиите се тие кои вршат на некој начин вршат притисок, диктатура, јас не сум од луѓето кој трпи притисок. Сè она што го правам, правам своеволно, т.е. се од интерес на граѓаните“,
вели Митревски.
Освен искуство, од претходните мандати Митревски добил и кривична пријава, затоа што со општински пари помогнал за изградба на градската црква. Тој вели дека градел за народот за чие подобро утре цели и со проектите во најава.
„Ова наше прекрасно градче живее пред сè можам да кажам од рудникот Саса, концесиите што сега се добиваат се огромни. Јас како градоначалник планирам преку општината, преку Советот, да направиме нов економски развој на општината, со тоа што ќе обезбедиме и странски инвеститори, но и средствата од концесијата да ги намениме од стопанството за стопанството“,
уверува Митревски.

Независен кандидат за градоначалник на Општина Македонска Каменица е и Миран Митревски. Оди на работа во истата зграда со градоначалничката, бидејќи е ИТ-администратор во општината, но има поголеми амбиции.
„360°: Нема да ви се налути градоначалничката?
Па не, соработка имаме во секое поле и нема за што да се лутиме“,
низ смеа коментира Миран Митревски.
Освен во општината, тој е активен и како претседател на еколошко друштво, кое го следи квалитетот на Каменичка река. И неговата програма има еколошки предзнак.
„Во нашата област веќе се предвидени повеќе проекти од областа на екологијата, развој на еко туризам, агро туризам и селски туризам. Предвидено е меѓународна соработка и инвестиции, предвидено е млади и спорт, развој на туризамот кој беше запоставен во изминатите години“,
вели тој.

Третиот независен кандидат по професија е доктор. Ангелчо Георгиевски признава дека местото на докторите е во здравствениот систем, но се кандидира за градоначалник со конкретна цел.
„Сакам да го срушам митот да се гласа за партија, а не за личност. Имаме една индустриска зона, каде сите се сликаат пред избори, но, уште не е отворена. Сакаме да донесеме нов инвеститор, бидејќи 90 посто од работниците се во рудникот Саса“,
вели Георгиевски.
Овој кандидат пак е доскорешен член на владејачкиот СДСМ. Малку недостасувало да биде кандидат на партијата за градоначалник на Македонска Каменица во претходниот изборен циклус, но по тесна внатрепартиска трка, довербата ја добила Стаменкова. Тој вели дека без разлика кој и да победи сега, ако не се фокусира на нови работни места, општината ќе се соочи со тотален егзодус.
„Ќе биде интересно. Кој и да биде градоначалник ќе има проблеми со советот, нема да биде мнозински совет, тоа сум сигурен. Така ќе работат за интересот за граѓаните, а не за остварување на интереси на мала група граѓани, како што е досега“,
вели Георгиевски.

Општинската каса сега ја чува Соња Стаменкова од СДСМ, која и во трката за втор мандат е единствена кандидатка–жена. Ја побаравме кон крајот на работниот ден за да ја прашаме – што се смени во изминатите четири години за освен стандардниот противник од ВМРО-ДПМНЕ сега да има уште плус тројца противкандидати.
„Она што го ветив пред изборите е дека и администрација и вработените ќе бидат ослободени од политички ангажмани спротивно на нивната волја, што резултира на слобода на избор, што е резултат на сега кандидирање на повеќе кандидати“,
вели Стаменкова.
Тоа што еден од независните кандидати е поранешен член на СДСМ, не значи дека има раскол во партијата, тврди Стаменкова. А со што ќе ги привлече и сопартијците и неопределените граѓани?
„Еден од носечките столбови на програмата ќе биде енергетската ефикасност, искористувањето на обновливите извори на енергија, заштитата на животната средина којашто е топ тема и тоа е нешто што ќе ни биде приоритет покрај другите потреби“,
уверува таа.

Освен петтемина кандидати за градоначалник, поднесени се и пет советнички листи. Големиот број листи остава впечаток дека граѓаните се длабоко поделени во политичките ставови, но истовремено и дека Каменичани се испреплетени на многу други начини. На пример, соперници на различни советнички листи не ретко се роднини, а во еден случај и двајца браќа се тркаат за советнички мандат, но на различни листи.
