На 8 септември 1991, вели претседателот, граѓаните гласаа за уредена и просперитетна Македонија која сè уште ја немаме
Крајно време е да потврдиме дека сме способни и во практика, а не само со зборови да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата која никако да ја завршиме, порачува претседателот Стево Пендаровски во честитката по повод 8 Септември – Денот на независноста.
Своето видеообраќање кон граѓаните тој го почнува потсетувајќи на зборовите на првиот претседател Киро Глигоров по референдумот за независност одржат на 8 септември 1991 година.
„Пред точно 32 години, ги паметиме зборовите на првиот претседател Киро Глигоров: ’да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија‘. Низ годините бележевме и успеси и неуспеси, некои од нив се случија токму на денот на независноста. Успесите не радуваа, но, за жал, примерите на злоупотреби и системски потфрлања ја рушеа довербата во институциите и ја обезвреднува самата држава“,
вели Пендаровски.
Цената ја плаќаат, потенцира тој, оние кои најмалку придонеле за таквите состојби ‒ учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите.
„Сè почесто солидарноста и емпатијата започнаа да им отстапуваат место на себичноста и апатијата, а, тоа е амбиент во кој луѓето не сакаат да живеат. Знам дека ова не се вообичаени празнични пораки, но, се неопходни, затоа што, граѓаните на 8 септември 1991 гласаа за уредена и просперитетна Македонија која сè уште ја немаме. Денес нам ни е потребен нов колективен напор, но, притоа, карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме. Од нас денес не се бара илинденскиот или партизанскиот хероизам наспроти тиранијата. Од нас денес се бара да имаме функционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани“,
нагласува шефот на државата.
На крајот од неговата честитка, Пендаровски потенцира дека државата има многу умни и доблесни луѓе со образ, луѓе домаќини кои можат да го обноват духот на македонската република врз основа на темелните уставни и општоцивилизациски вредности.
„Само така ќе го зачуваме зрното надеж дека по повеќе од 3 децении конечно ќе имаме европска и демократска Македонија во која младите ќе сакаат да живеат и просперираат. Убеден сум дека имаме и сили и волја за такво нешто! Нека ни е честит Денот на независноста! Да ни е вечна македонската република!“,
завршува Пендаровски.