Гласот на папата почнал да трепери додека ги спомнал Украинците, па морал да застане, не можејќи да зборува околу 30 секунди. Кога продолжил со молитвата, гласот му треперел
Папата Франциск не можел да ги задржи солзите и вознемиреноста додека ги спомнувал страдањата на Украинците за време на традиционалната молитва во центарот на Рим по повод национален празник во Италија, објави Ројтерс.
Гласот на папата почнал да трепери додека ги спомнал Украинците, па морал да застане, не можејќи да зборува околу 30 секунди. Кога продолжил со молитвата, гласот му треперел.
Толпата околу папата Франциск, вклучувајќи го и градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери, кој бил веднаш до него, аплаудирале кога сфатиле дека папата не може да зборува, накусо прекинувајќи ја својата молитва.
„Безгрешна Дево (Марија), денес би сакал да ти ја упатам благодарноста на украинскиот народ (за мирот)“,
рекол тој пред да биде обземен од емоции.
По 30-ина секунди, продолжил:
„Наместо тоа, уште еднаш треба да ви ги донесам молбите на децата, на постарите, на татковците и мајките, на младите од таа маченичка земја, која толку многу страда“,
додал папата.
По читањето на молитвата, папата ги поздравил луѓето во толпата, вклучувајќи ги и новинарите.
Кога еден од новинарите му споменал дека изгледа оти е совладан од емоции, папата одговорил:
„Да. Тоа (војната во Украина) е огромно страдање, огромно. Пораз за човештвото“,
рекол папата.
Откако Русија го нападна својот сосед во февруари годинава, папата Франциск ја споменува Украина во речиси сите свои јавни настапи и станува сè покритичен кон Москва.