Во изјава за медиумите, жената сведочи дека непосредно по трагедијата, на местото на настанот имало силно полициско присуство, а била присутна и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска
Ова е трагедија – вели сосетка која живее во близина на градилиштето во скопска Кисела Вода каде што утринава беа затрупани четворица градежни работници при ископ на темели на зграда.

Во изјава за медиумите, сосетката сведочи дека непосредно по трагедијата, на местото на настанот имало силно полициско присуство, а била присутна и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
„Рекоа дека четворица биле затрупани. Тројца спасиле, а за еден беше кажано дека е изваден после долго време, сигурно по час и половина. Многу ми е тешко за ова да зборувам зашто и мојот татко така загина, само што бил сам и немало кој да му помогне. Ова е трагедија. Не знам како може да градат зграда до зграда и да копаат покрај самите темели. Да се гради ѕид до ѕид, да се поткопува темел. Зошто не се бунат сопствениците што градат до нив“,
рече жената во изјава за медиумите.
Претходно денеска од МВР потврдија дека на рано утринава на градилиште на улицата „Козјак“ во Кисела Вода еден градежен работник загинал, а тројца завршиле со повреди откако биле затрупани со земја при ископ на темели на објект. Повредените се пренесени на Ургентниот центар при скопскиот клинички центар.
