Според јапонската крајбрежна стража, екипажот на танкерот го сочинувале двајца Корејци, осум индонезиски и еден кинески државјанин
Осум морнари загинаа откако танкер кој пловел под јужнокорејско знаме се преврти кај западниот брег на Јапонија, пренесува Би-би-си.
Според јапонската крајбрежна стража, едно лице е пронајдено и се наоѓа надвор од животна опасност, додека други две се водат како исчезнати и сè уште трае потрагата по нив.
Бродот „Кеојоунг сун“ (Keoyoung Sun), според новинските извештаи, се превртил во близина на префектурата Јамагучи откако претходно околу 7 часот по локално време или 22 часот (вчера) по Гринич екипажот испратил повик за помош.
Засега нема прецизни информации за причините за несреќата.
Според информациите што ги пренесува британскиот национален сервис, бродот наводно бил закотвен поради силно невреме.
Јапонската крајбрежна стража соопштила дека танкерот превезувал 980 тони акрилна киселина.
Во тек е спасувачката акција која се одвива во близина на градот Шимоносеки, во југозападниот дел на земјата.
Според крајбрежната стража, екипажот на танкерот го сочинувале двајца Корејци, осум индонезиски и еден кинески државјанин.
Инаку, според Би-би-си, за време на несреќата во областа биле измерени ветрови со брзина до 54 километри на час.