Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес, на една година од руската инвазија врз Украина, ќе се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“

Свесни сме за страдањата низ кои поминувате изминатите 12 месеци. Ние се солидаризираме со вас. Северна Македонија, како претседавач со ОБСЕ, ќе продолжи да ја поддржува Украина во овие тешки времиња. Оваа поддршка ќе биде уште посилна кога конечно ќе се врати мирот. Ова е наша обврска и цел. Вие не сте сами. Ова е пораката што претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи ја упати до украинскиот народ.
Османи, како претседавач на ОБСЕ, во јануари ја посети Украина и беше во неколку места кои беа силно погодени од воените дејствија. Тој оствари средби со цивилното население и низа средби со високи претставници на државната власт на Украина. Тој порача дека еден од главните приоритети на претседавањето ќе биде состојбата во Украина, со посебен фокус кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес, на една година од руската инвазија врз Украина, ќе се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“.
Обраќањето доаѓа по вчерашната 11. специјална итна седница на Генералното собрание на ОН каде што Османи упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина и каде што со 141 глас „за“ се усвои Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина.
Воедно, во својство на претседавач со ОБСЕ, тој и вчера преку видео обраќање се обрати во Виена на Зимската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ. Во својот говор тој уште еднаш потсети дека овој состанок доаѓа во многу тешки моменти за целата европска безбедносна архитектура, како и за самата Организација, повикувајќи ги земјите учеснички да ја задржат вербата во ОБСЕ, да ја поттикнат политичката волја и да ѝ овозможат на Организацијата да го продолжи својот уникатен мандат.
Вчера шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, говореше на 11. специјална итна седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк каде што упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина.
Османи, во своето обраќање, испрати порака до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН за враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок и ги повика сите земји членки на Организацијата на ОН да се солидаризираат со Украина и со нејзиниот народ и да ја чуваат Повелбата на ОН која е нивна заедничка одговорност.
Османи јасно порача дека не може во 21 век да се прифатат „сферите на влијание“, објаснувајќи дека тоа е концепт за предизвикување конфликти, како што e случај со Украина. Рече дека е недозволиво една држава со сила да ги менува границите на својот демократски сосед, да ја уништува нејзината инфраструктура и да предизвика неподносливо страдање на цивилното население.