Да си на страна на руска агресија е да си против своите национални интереси и ние како политичари и вие како медиуми и треба да објаснуваме што значи тоа и каков домино-ефект произведува кога посилна земја сака да анектира територија на соседна држава, истакна Османи на денешниот брифинг
За односите со Русија и контактите со руската амбасада кај нас, министерот за надворешни работи рече дека политичка комуникација и односи немаме, дека немал средба со амбасадорот, а протоколарни, преку службите како и со другите амбасади може има
Референдумите во окупираните украински територии се манипултивни и Република Северна Македонија нема да ги признае резултатите. Мора да се работи на објаснувањето на граѓаните кај нас за штетноста на руската агресија на Украина и што тоа значи за нашите национални интереси. Вака министерот за надворешни работи Бујар Османи ја коментира ситуацијата по објавувањето на мобилизацијата во Русија и одржувањето на т.н. референдуми во украинските територии Донецк и Луганск кои се под руска окупација.
„Јасен став на РСМ е дека тоа се манипулативни референдуми чија цел е алиби за анектирање на територии на други држави и нема да признаеме резултати од вакви референдуми“,
истакна Османи на денешниот брифинг по престојот во Њујорк.
Тој појасни дека ЕУ нема донесено единствен став во однос на визниот режим кон руските граѓани, истакнувајќи дека нашата земја досега се придржувала кон вакви одлуки. Во овој случај за тоа прашање нема заеднички став и оставено е на земјите поединечно да одлучат за нивните национални позиции.
„Некои земји имаат став, но повеќето немаат, а немаме ни ние. Ние имаме генерален визен режим и сметаме дека тоа е доволен инструмент, но во натамошна координација може да се смени ставот, во зависност од развојот на настаните“,
појасни Османи.
За односите со Русија и контактите со руската амбасада кај нас, Османи рече дека политичка комуникација и односи немаме, дека немал средба со амбасадорот, а протоколарни, преку службите, како и со другите амбасади може има.
„Политичка комуникација и контакти нема. Нашата позиција е јасна – Русија изврши агресија на меѓународното право и на Украина и мора тоа да прекине за да се размисли за некакви си политички и нормални односи со Русија“,
истакна Османи.
Во врска со мобилизацијата во Русија и реториката во меѓународните односи, Османи рече дека тоа што нуклеарната војна влезе во дневниот дискурс е опасно само по себе, дека тоа е премин на психолошката бариера и тоа доведува чекор поблиску до таква можност и треба да е аларм.
„И со организирањето на т.н. референдуми во окупираните територии кои треба да послужат како нелегално алиби за анексија. Тоа не алармира нас, не само како земја која ќе претседава со ОБСЕ туку и во однос на нашите национални интереси. Тоа ги загрозува сите независни држави посебно нас малите кои не штити меѓународното право и меѓународниот систем, безбедносната архитектура на светот“,
додаде Османи.

Тој истакна дека за нас не постои некаква директна закана во соседството, но дека ваквите преседани го ставаат светот во ризик од нови војни, конфликти и поголеми држави да напаѓаат и анектираат помали.
„Затоа е важно Украина да победи во оваа војна. И затоа е чудно што македонски граѓани сметаат дека е оправдана руската агресија на Украина“,
рече Османи и посочи на анкети каде што 25 отсто од македонските граѓани сметаат дека руската агресија е оправдана.
„На анкети 25 отсто македонски граѓани сметаат дека Русија е во право, мислејќи дека ова е битка меѓу два пола и дека ние сме неутрални. Не ние не сме неутрални туку сме на страна против рушење на територијалниот интегритет на држави. Да си на страна на руска агресија е да си против своите национални интереси и ние како политичари и вие како медиуми и треба да објаснуваме што значи тоа и каков домино ефект произведува кога посилна земја сака да анектира територија на соседна држава“,
рече Османи.