Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за новата методологија за пристапни преговори со ЕУ која треба да се донесе.
„На хартија не сме виделе, меѓутоа еврокомесарот нашироко ни образложи, и од тоа што го слушнавме звучи охрабрувачки“,
вели Османи.
Запрашан за тоа дали процесот ќе биде потежок или подолг, Османи вели дека еврокомесарот го споменал принципот на кредибилност.
„Првото е дека процесот завршува со членство во ЕУ и ако ние испорачаме и ЕУ ќе испорача. Второто е политичкото управување со процесот, повеќе од едно административно-бирократско, што значи дека ние ќе учествуваме во работните тела на унијата и пред членството. И третото е динамичност, што значи дека брзината на преговорите ќе се наметне единствено од бризината којашто ние ќе ја наметнеме“,
вели Османи.
Како што кажа Османи, според предлогот, поглавјата ќе бидат групирани во кластери, по неколку слични поглавја во еден кластер.
„Во моментот кога ќе се постигне високо ниво на усогласеност се отвора еден кластер а во тој момент сите поглавја во рамки на кластерот се отвораат, со можност во една година да се затвораат сите поглавја од кластерот доколку динамиката е добра“,
вели Османи.
Тој вели дека веројатно се уште се дебатира прашањето дали прво треба да се затвори еден кластер за да се отвори друг.
„Самиот факт што еден од принципите е динамичност, дава охрабрување дека процесот може да се забрза доколку ние покажеме волја за тоа“,
вели Османи.