Ангелов вели дека најголем пожар, и понатаму останува оној во Мариовскиот Регион, на општините Прилеп и Битола, кој денес е ставен под делумна контрола
Денеска, како што вели Ангелов, сè уште е активен и пожарот што вчера околу пладне изби на територијата на Општина Липково, над селото Никуштак, којшто сега се движи во насока над село Матејче и кон манастирот над село Матејче
Повеќе од 15 пожари на отворен простор се активни во земјава, од кои четири се посериозни, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Ангелов вели дека најголем пожар, и понатаму останува оној во Мариовскиот Регион, на општините Прилеп и Битола, кој денес е ставен под делумна контрола.

Според Ангелов, кракот којшто се движи над селото Крушевица е значително намален иако се очекува во вечерните часови да се приближи кон селото. Сепак, додава дека околу селото се направени специјални противпожарни пресеки, коишто огнот не би требало да ги помине. Како што информира Ангелов, тука се и луѓето коишто ќе се борат со огнот доколку огнот се спушти ниско кон селото.
Тој додава дека таму се наоѓаат сили од локалните пожарникари, поддржани со тимовите за брз одговор на ДЗС, составени од доброволци од Битола, Кочани и Виница. Исто така, поставени се и четири екипи со специјални возила.
Се работи за линија од можеби еден – два километри, за разлика од претходните повеќе од 25 километри.
Од другата страна, гледано кон магистралниот пат Прилеп–Битола, Ангелов вели дека состојбата е драстично подобра.
„Во текот на ноќта, пожарникарите од Прилеп, поддржани со доброволни пожарникари ангажирани преку Дирекцијата од Битола, ја нападнаа линијата на огнот и, при тоа, на мое големо неверување, успеаја да изгаснат повеќе километри огнена линија високо во планините, притоа и доста ризикувајќи, бидејќи теренот е прилично негостољубив. Во овој момент имаме таму само еден активен крак којшто се движи кон селото Бонче, но селото не е загрозено бидејќи имаме сконцентрирано доволно сили“,
вели Ангелов.
Друг пожар што трае повеќе денови е на територијата на Општина Македонски Брод, над селото Драгов Дол.
Ангелов вели дека вчера повторно го активирал модулот за шумски пожари на Дирекцијата, составен од 25 доброволни пожарникари од различни места од државата, со пет оперативци на Дирекцијата.
„Модулот цел ден работи на терен како поддршка на професионланите пожарникари од Македонски Брод. И овој пожар е значително намален, но теренот е екстремно негостољубив. На некои места не може да се оди пеш, а ниту има ефект ако се дејствува од воздух“,
додава Ангелов.
Третиот пожар е оној што повеќе денови се одвива на територијата на Општина Студеничани, којшто, како што информира Ангелов, се шири кон Китка.
По утринското хеликоптерско извидување било утврдено дека од овој пожар има само остатоци од горењето во еден дол.
„Затоа дадов наредба да дејствуваат трите ‘ертрактори’, коишто во два налета, исфрлија околу 20 тони вода. Постои можност овој пожар целосно да згасне, но и доколку покажува активност, таа ќе биде ограничена само на една точка и дополнително ќе планираме што понатаму“,
вели Ангелов.
На оваа точка, како што појасни Ангелов, не може да се дејствува ниту со специјалните возила на Дирекцијата, ниту со пешадија, бидејќи се наоѓа во тешко пристапен, а во најголем дел и целосно непристапен дол.
Денеска, како што вели Ангелов, сè уште е активен и пожарот што вчера околу пладне изби на територијата на Општина Липково, над селото Никуштак, којшто сега се движи во насока над село Матејче и кон манастирот над село Матејче.
На овој пожар дејствуваат четири „пинцгауери“ на ДЗС, коишто се на места каде што теренот го дозволува тоа и ја гаснат надворешната линија.
Ангелов вели дека на локацијата има и еден „БТР“ на Дирекцијата, којшто има резервоар полн со шест тони вода, а кој ќе се употреби во случај огнот да пробие и да треба да се брани селото.
„Но, сметам дека селото во ниту еден момент нема да биде загрозено, бидејќи се работи за живо село, полно со луѓе. Сега имаме асфалтирани улици и, покрај тоа што овде забележувам многу висока сува вегетација, сепак луѓето, локалните жители, ќе помогнат, како што помагаа во текот на вчерашниот ден“,
додава Анеглов.
Попладнево и од Центарот за управување со кризи (ЦУК) рекоа дека и натаму е активен пожарот кај липковското село Никуштак и оти во моментов на негово гаснење интервенира екипа на кумановската противпожарна единица со три противпожарни возила, а вклучени се и екипи на ЈП „Национални шуми“. Во зависност од метеоролошките услови, велат од ЦУК, во текот на денот е можна и интервенција од воздух, со цел побрзо локализирање на пожарот.
Инаку, Ангелов, во својот утрински извештај за состојбата на пожарите во државата рече дека пожарот во атарот на селото Никуштак е надвор од контрола и покрај вчерашната интервенција на „ертракторите“ на ДЗС кои истурите 81 тон вода на местото каде што избувнал огнот.
Останатите пожари, како што посочи директорот на ДЗС, се помали пожари.
