Она што го плаши, вели Ангелов, е покачувањето на дневните температури, особено околу пладне, поради кои постои можност во одредени делови пожарот во Мариовско да се реактивира
Пожарот во атарот на селото Никуштак, во Општина Липково, е надвор од контрола и покрај вчерашната интервенција на „ертракторите“ на ДЗС кои истурите 81 тон вода на местото каде што избувнал огнот, кој сега се движи во насока на манастирот над Матејче и кон самото село
Селата Бонче, Подмоље и Лопатица се безбедни по тешката ноќ што ја имале прилепските и доброволните пожарникари во справувањето со пожарите кои неколку дена беснеат околу овие села во Прилепско, информира утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Пожарната линија, која, како што вели тој во видеоизјава, што била видлива од регионалниот пат Прилеп – Битола е целосно изгасната и активен е само уште еден крак, кој се наоѓа зад планината, високо над селото Бонче.
Прилепските пожарникари синоќа со контрапожар врз пресека што претходно со механизација била направена во непосредна близина на селото Лопатица, успеале да го запрат огнот и да не му дозволат да премине и да го загрози селото Подмоље.
„Голема благодарност до тимот за брз одговор на ДЗС, составен од доброволни пожарникари од Битола и Кочани кои се качија високо во ридиштата и ја гаснеа огнената линија чекор по чекор, метар по метар, километар по километар. На мое големо неверување изгаснаа повеќе километри огнена линија којашто сега ја нема“,
вели Ангелов.
Она што го плаши, вели тој, е покачувањето на дневните температури, особено околу пладне, поради кои постои можност во одредени делови огнот да се реактивира.
„Останува да внимаваме. Овде има пожарникари од Прилеп, исто така, тука се и посадите на два ‘пинцгауери’ на ДЗС коишто ќе внимаваат доколку дојде до реактивирање на огнената линија, таа да биде изгасната, зборувам за нејзини делови“,
додава директорот на ДЗС.
Пожарот од мариовската страна, според него, е изгаснат или ставен под целосна контрола и тој е оптимист дека во текот на денешниот ден е можно целосно да биде изгаснат овој пожар, кој е најголем оваа сезона и се одвива на терен обраснат со многу висока и сува трева, грмушки, трње и неквалитетна шума.
Селата шпо се најдоа загрозени од огнената стихија, како што посочува Ангелов, се празни, односно немаат постојани жители, што уште повеќе ја отежнува работата на пожарникарите. Во Лопатица престојуваат само две лица, кои не се постојани жители, а во селото има педесетина куќи.
Во одделна видеоизјава, Ангелов информира за состојбата со пожарите на територијата на целата држава, кои, како што наведува, во изминатото деноноќие ги имало повеќе од 32, од кои најголемиот дел се целосно изгаснати.
Покрај пожарот во Мариовско, предизвик за противпожарните екипи се уште три пожари, од кои оној во атарот на селото Никуштак, во Општина Липково е надвор од контрола и покрај вчерашната интервенција на „ертракторите“ на ДЗС кои истурите 81 тон вода на местото каде избувнал огнот. Пожарот, вели Ангелов, се движи во насока на манастирот над Матејче и кон самото село.
„Постои можност денес да ги загрози блиските села, но и таму ќе концентрираме доволно луѓе и опрема за одбрана на селата, со тоа што овие се ‘живи’ села, полни со луѓе и нивната одбрана вообичаено е полесна затоа што нема толку висока вегетација во самите села“,
вели директорот на ДЗС.
Како што информира тој, и понатаму е активен пожарот на територијата на Македонски Брод, поради што вчера повторно бил активиран модулот за шумски пожари на ДЗС, составен од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на Дирекцијата кои даваат поддршка на локалните пожарникари.
„Тие работеа вчера, ќе работат и денес на гаснењето на повеќето краци на овој пожар којшто се одвива низ екстремно ‘негостољубив’, карпест терен, каде што движењето на луѓето е многу отежнато, а некаде едноставно и невозможно. Самиот терен не дава голем ефект од употреба на „ертрактори“, па дури и на хеликоптер во овој момент“,
вели Ангелов.
Активен и е пожарот на територијата на Општина Студеничани, кој се движи кон планината Китка, на тежок терен, обраснат со густа шума, грмушки, трње, трева, каде што не можат да се движат луѓе.
Скопските пожарникари, вели Ангелов, денеска преку одредени пресеки ќе се обидат да воспостават барем делумна контрола врз овој пожар кој трае веќе неколку денови наназад.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, повторно апелира го граѓаните да бидат внимателни, бидејќи, како што вели, доволна е само една искра да падне на сува треба за да настане вистинска катастрофа.
