Нема разлика меѓу случајот со набавката на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и случајот со проектот за градење спроти „Холидеј ин“, бидејќи кривичното право треба подеднакво да се спроведува во сите ситуации, вели поранешната претседателка на Антикорупциската комисија и сегашна претседателка на „Транспаренси интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева.
Со нејзиниот став се сложува и актуелната претседателка на Државната комисијата за спрчеување на корупција, Билјана Ивановска. Во вечерашната дебата на „360 степени“, тие велат дека случајот со проектот за градење на висококатници на просторот спроти хотелот „Холидеј ин“, треба да се разгледува од повеќе аспекти.
„Не гледам разлика помеѓу ситуацијата со поранешниот генерален секретар, Драги Рашковски и набавката на софтверот со планот за градење спроти „Холидеј ин“. Планот е направен без да се почитува генералниот урбанистички план, не се испочитувани сите процедури, начинот на кој се носени одлуките. Но, ние го анализираме и аспектот на закони по мерка, односно како се носени тие закони и дали со нив требало да се овозможи ова што сега се случува. Одлуката на Уставниот суд можеби ќе покаже некакво тргување со влијание, односно донесена е некоја меѓуодлука која не се занимава со суштинската работа туку само ја поматува целата ситуација. И по мене тоа е истотака кривично-правен настан кој треба да се разгледа од сите овие аспекти. И од аспект на законитоста и од тоа кога тргнало и како се одвивале сите процеси за создавањето на таа група која има силно влијание во тој сектор. Но и како се користи тоа влијание за да може да се дојде со ова денеска, за да почне некој да гради на сила и покрај сите спротивставувања и на граѓаните и на Антикорупциската комисија, но и некакво спротивставување на градоначалникот на Општина Центар кое не можеме да го дефинираме дали е реално“,
рече Тасева.
Таа додава дека за овој случај потребно е да се вклучи и Јавното обвинителство со севкупна анализа и текот на настаните.
„Ова личи на кривично-правен настан, бидејќи се исполнети повеќе услови за повеќе кривични дела“,
вели Тасева.
Ивановска пак, додава дека во овој случај не е сфатено што точно значи јавниот интерес и додава дека уште при продажбата на земјиштето спроти „Холидеј ин“, тие како Антикорупциска комисија укажале на можни ризици, кои пак денеска се исполнуваат.
„Кога се прави детален урбанистички план тој треба пред сè да биде насочен кој јавниот интерес, дури и општинските советници се гласот на народот кои треба да го спроведат јавниот интерес. Мислам дека тука имаме проблем, бидјеќи не е дефинирано и не е сфатена поентата што треба да биде јавниот интерес. Неодамна во едно интервју на архитектот кој го цртал проектот, слушнавме дека тој заедно со сопствениците на парцелите оделе во Општината кај Комисијата за деталните урбанистички планови и дискутирале што ќе се нацрта и како ќе се нацрта. Ова е забрането и би требало да биде забрането. Претходно, ние по расправа за предметот за продажбата на плацевите кај ‘Холидеј ин’ ѝ укажавме на Општина Центар на потенцијалниот ризик од влијание од страна на сопствениците врз планерите да цртаат нешто по нивна мерка што ќе го наруши јавниот интерес. Значи, еве го ризикот што сме го детектирале, сега доаѓа на виделина“,
рече Ивановска.