Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 6 јули 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува кандидатот за министер за здравство и досегашен директор на ФЗО, Сашо Клековски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ
Македонскиот буџет за здравство од околу една милијарда евра за 2026 година (како процент од БДП) е поголем од оние на Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, но помал од здравствените каси на другите земји во регионот. Сепак, вели кандидатот за министер за здравство и досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, има многу загуби при трошењето. Едно од прашањата до Клековски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, беше зошто оди „од коњ на магаре“ со оглед на тоа што буџетот на ФЗО е седум пати повисок од оној на Министерството за здравство. Разговаравме и за финансиската кондиција на јавните здравствени установи, при што Клековски рече дека заедничките служби на скопските универзитетски клиники имаат долг од околу 35 милиони евра, а дека најголем должник меѓу клиниките е онаа за Онкологија. Тема во интервјуто е и случајот со непотребните операции на срце, а прашањето е дали има притисок за негово забошотување.
