Погледнете го новото магазинско издание на емисијата „360 степени“ емитувано на 26 јули 2024 г. на МРТ 1
Новото магазинско издание на емисијата „360 степени“ е комплетно посветено на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир) од пругата кон Бугарија, чија изградба е неизвесна поради ставот на новата влада дека проектот не е добар, дека изградбата ќе чини многу, а згора на тоа, премиерот Христијан Мицкоски рече и дека имало обид да биде подмитен за да се согласи со завршување на тековниот тендер. „360 степени“ беше на терен и заедно со директорот на „Македонски железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски, и други одговорни во претпријатието ги поминавме трите делници од пругата Куманово – граница со Бугарија, од кои првата е пред завршување, втората е готова 20% и продолжува да се гради, а третата е под прашање. За критиките и обвинувањата од македонската влада, побаравме коментари од финансиерите на проектот – Европската Унија и Европската инвестициска банка (ЕИБ) и добивме многу директни одговори. За тие ставови потоа го прашавме вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој е отворен противник на изградбата на третата делница според сегашниот проект. Сето ова во видеото погоре.