Анализата на достапната документација покажува дека во договорот за надзор над „Бехтел и Енка“ нема доказ за 23 од вкупно 81 експерт – која фирма од добитничките ги ангажирала. На нивните биографии стои дека се вработени во фирми кои немаат никаква правна поврзаност со тендерот за надзор над работата на автопатите од коридорите 8 и 10-д
Од Јавното претпријатие за државни патишта тврдат дека тие лица се вработени во фирмата „Електра солушнс“ (иако на нивните биографии пишува поинаку) и дека имаат доказ во форма на М1/М2 образец. Но, претпријатитето не сака да ги сподели доказите поради заштита на личните податоците. На останатите 58 експерти, патем, им се јавно објавени дури и матичните броеви
Шестотини педесет и седум. Толку страници е документацијата што ја објави Јавното претпријатие за државни патишта по договорот со италијанската „ИРД“, која, барем на хартија, го предводи конзорциумот кој за 22,3 милиони евра ќе врши надзор над изградбата на делниците од коридорите 8 и 10-д од „Бехтел и Енка“.
Од страницата 128 до страницата 139 во книгата насловена 1.1. се наведени сите имиња на експерти кои ќе ја надгледуваат изградбата на автопатите. Нивното образование и работно искуство се во книгата 1.2.
Анализата на објавената документација не донесе до заклучок дека недостасуваат информации за 23 од вкупно 81 експерт. Поточно, недостасуваат договори на тие експерти со фирмите што го добија тендерот или нивни подизведувачи.

На пример, вака изгледа уредна документација. Експертот за договорни прашања, Гоце Букилица Јордановски, е вработен во подружницата на „Страбаг“ во Скопје. Но, приложен е и договор за дело за негов ангажман со фирма од добитниот конзорциум – „ИРД Инженеринг“ од Рим.

Сосема спротивен е примерот на кандидатот за експерт за варијации, Влатко Михајлов. За него се објавени документи поврзани со образованието, но во графата актуелно вработување пишува – „Ингероп“, Франција. Таа фирма не е дел од победничкиот конзорциум ниту е меѓу наведените подизведувачи, а во документацијата недостасува договор за дело или друг документ што ќе покаже како и кога е ангажиран Михајлов? Како него, без таков доказ, се уште 22 имиња.
На прашањата на „360 степени“ од Јавното претпријатие за државни патишта одговорија дека имаат доказ за вработување или договор за дело за сите експерти, но и дека не можат да ни ги достават.
„Лицата се вработени на неопределено во ‘Електра солушнс’ и за нив се доставени М1/М2 обрасци за вработување кои поради заштита на лични податоци не се објавени јавно“,
одговорија од Јавното претпријатие за државни патишта.
Ако е така, останува нејасно – зошто во договорот, во картичките за сите тие 23 лица, е напишано дека работат во други фирми, а не во „Електра солушнс“?

Настрана од тврдењето на ЈПДП дека има докази што не може да ги објави, според јавно достапните документи поврзани со вработувањето на експертите, фирмата преку која ќе поминат најмногу пари и работа, „Електра Солушнс“, всушност, има најмалку свои вработени меѓу ангажираните во надзорот – само четворица. И не само тоа, туку и дека тие четворица ги вработила на 20 октомври 2022 година
Ако „Електра Солушнс“ учествува во надзорот со само четворица вработени инженери, кои ги пријавила на 20 октомври, тогаш со кои инженери на 27 септември го поднела барањето за добивање А лиценца за надзор?
Според Законот за градење, за да се добие А лиценца за надзор, мора да се има најмалку четворица вработени инженери, од кои двајца со овластување А за надзор.

„(2) Со барањето за добивање на лиценца А за надзор правното лице потребно е да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност и
– доказ дека има вработено најмалку четворица инженери од кои двајца со овластување А за вршење на надзор“,
се вели во член 34 од Законот за градење.
Прашавме во Министерството за транспорт и врски – кои инженери ги пријавила „Електра солушнс“ кога побарала и добила лиценца и од кога се вработени во оваа фирма?
„Правното лице ‘Електра солушнс’ Скопје ги исполни условите … со прикажување доказ за вршење на соодветна дејност и 4 дипломирани инженери носители на соодветни овластувања за вршење надзор. Во однос на имињата и нивните вработувања, Ве информираме дека согласно Законот за слободен пристап … бараните информации претставуваат личен податок и нивното објавување би подразбирало повреда на заштитата на личните податоци“,
одговорија од Министерството за транспорт и врски.
По ваквиот одговор, денеска до Транспорт и врски поднесовме барање за слободен пристап со кое бараме да ни ги обезбедат бараните податоци, со оглед на искуството во претходни случаи – дека само име и презиме, без матичен број и адреса, не претставува личен податок. Додека го чекаме одговорот се наметнува дилемата – зошто инженерите со кои добила лиценца, „Електра солушнс“ не ги вклучила во надзорот над „Бехтел и Енка“? Особено што оваа фирма, во надзорот, ангажирала најмалку 14 други експерти со договор за дело.

Уште минатата недела „360 степени“ објави дека најголем дел од работата и парите за надзорот над изградбата на коридорите 8 и 10-д нема да поминат преку италијанската „ИРД“, која пред камерите го потпишува договорот од 22,3 милиони евра, туку низ домашните „Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“.
Владата, до тој момент, ја убедуваше јавноста во спротивното.
„И сега имаме светски признаена компанија којашто врши надзор 10 години во Република Северна Македонија, најголемите инфраструктурни проекти во земјава. Не е денешна ИРД“,
изјави Артан Груби, по потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка во март 2023 година.
360 степени разговараше и со директорот на Јавното претпријатите за државни патишта, Ејуп Рустеми, за повеќе аспекти во врска со надзорот над „Бехтел и Енка“. Целото интервју, кое беше снимено пред откривањето на недостатокот од документи за ангажманот на дел од експертите во договорот, може да го погледнете ТУКА.
Анализата на договорот покажа и дека иако речиси сите експерти се домашни, сумите за нивните услуги се западноевропски.
Услугата на секој геометар чини 5 600 евра месечно. Секој надзорен инженер ќе чини по 8 до 9 000 евра месечно, додека месечниот трошок за главен надзорен инженер е 20 000 евра.
Хонорарите за четворицата членови на т.н. правен трансакциски советник од по триста илјади евра, или вкупно еден милион и двесте илјади евра, се чинат, вон конкуренција.
Во проверка на констатацијата дека станува збор за вртоглаво големи суми споредиме колку чинеле услугите за надзор на другите автопати што се градат во земјава?
Овие снимки се од 16 јануари 2020 година. Поводот на иста маса да седнат тогашниот министер за транспорт, вицепремиерот за европски прашања и директорите на Јавното претпријатие за државни патишта и на градежната фирма Гранит, беше потпишување на договор за изградба на автопатот Скопје – Блаце.

Без многу помпа, на почетокот на годинава беа потпишани договори и за доградба и за надзор над автопатот Скопје – Блаце.
Надзорот го доби Градежниот институт Македонија, а цените за услугите за ангажман на кадарот се следни:
– Главен надзорен инженер – 2 900 евра месечно
– Надзорен инженер за животна средина – 1 600 евра месечно
– Геометар – 1 300 евра месечно

За споредба, услугите на главен надзорен инженер на автопатите што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ се поскапи за седум пати. За надзорниот инженер за животна средина се буџетирани 5 и пол пати повеќе пари месечно, а услугата за еден геометар е поскапа за речиси четири и пол пати.
Кого конечно се забрзаа работите на веќе историскиот автопат Кичево – Охрид во 2021 година, беше потпишан и нов договор за надзор. Тој тендер го доби Градежниот институт Македонија, во партнерство со една од домашните фирми што ќе вршат надзор и над „Бехтел и Енка“ – „Евро консалтинг“.

Според договорот, услугата за главен надзорен инженер на автопатот што го гради кинески „Синохидро“ чини околу 11 000 евра месечно. Истата услуга, во надзорот над „Бехтел и Енка“, чини речиси двојно повеќе. За надзор за заштита на животна средина за автопатот Кичево – Охрид се предвидени 5 450 евра месечно, додека за „Бехтел и Енка“ двојно поскапо – 9 000 евра месечно. Само услугата за геометар е колку-толку споредлива – 4 440 евра за месец за Кичево – Охрид, 5 600 евра за автопатите на „Бехел и Енка“.
Овие суми, сепак, не значат и дека конкретното лице кое ќе биде, на пример, главен надзорен инженер, ќе ги земе сите 20 000 евра месечно, како што е буџетирано во договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и „ИРД Инженеринг“.

Колку од таа сума ќе му биде исплатена на конкретно ангажираниот експерт, се уредува поединечно, со анекси. Бидејќи тие анекси не се јавни, не може ни да се знае – колку пари од секоја ставка ќе одат кај ангажираното лице, а колку ќе останат на сметка на фирмите, кои потоа се слободни да располагаат со тие пари како сакаат.
Како е можно да има толку големи разлики во цените за една иста услуга? Во Бирото за јавни набавки велат – тоа прашање е оставено на секој договорен орган посебно.

„Бирото нема надлежност да навлегува во цените на набавката. Кај нас е важно да се почитува процедурата во постапката. Цените остануваат на договорниот орган. Самиот договорен орган може да направи истражување на пазарот пред да го почне со постапката за јавна набавка“,
вели директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев.
Хаџиев, сепак, додава дека се планира надградба на електронскиот систем за јавни набавки кој ќе овозможи подобро да се следат цените.
„Во тој случај, кога така би биле понудите во веб-формат, тогаш понудите ќе бидат обработливи и тогаш ќе може да вадиме кои биле најниски, а кои највисоки цени или просечна цена на услугата која е предмет на набавката“,
додава Хаџиев.
Со ова, не се исцрпени прашањата што потекнуваат од шестотини педесет и седумте страници од договорот за надзорот над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“. „360 степени“ ќе продолжи да ги бара одговорите.