Иако се навидум домољубиви, се повеќе медиумски и информации на социјалните медиуми имаат скриена цел – да создаваат раздор во општеството и да ја оддалечуваат Македонија од нејзините стратешки цели. Таквите содржини ги поттикнуваат актери кои работат за интересите на држави кои немаат интерес земјава или регионот да остане стабилен и да го продолжи патот кон интеграција со ЕУ
Ова не е само теорија. Истражувања и анализи на содржините во онлајн просторот покажуваат како граѓаните без да знаат се изложени на такви закани. Земјава не е прва жртва на овие феномени, но прашањето кое се посилно се наметнува е не дали, туку како државата треба да почне да се справува со овој се пораширен феномен
На 18 мај се одржа протест предводен од студентите кои бараат да полагаат правосуден испит на албански јазик. На дел од националните телевизии веста беше прва во Дневникот.
Дел од медиумите, пак, ги пренесоа пораките и атмосферата од протестот подолу во вестите, а национални телевизии на албански јазик ги посветија речиси цели вести на оваа тема.

За кои теми и колку простор издвојуваат медиумите на македонски и медиумите на албански јазик во земјава, проверивме не само преку телевизиски извештаи.
Во една недела секој ден купувавме пет од дневните весници – три на македонски и два на албански јазик.
Не е секој ден ист, но на крај впечатокот е недвосмислен. Медиумите на македонски и медиумите на албански јазик често третираат и се обраќаат на паралелни публики во паралелни информациски светови.
Во „Коха“ и „Лајм“, освен дневните настани, темите за кои известуваа во периодот кога ние ги анализиравме, беа поврзани со веќе споменатиот протест и со локални теми за проблеми во средини со претежно албанско население.
„Нова Македонија“, „Вечер“ и „Слободен печат“ пишуваа повеќе за уставните измени, Реформската агенда, односите со Бугарија и Грција.

Но, освен што медиумите произведуваат содржини наменети пред се за Македонците или пред се за Албанците, скриени актери на ист начин произведуваат дезинформации – едни за Македонци, други за Албанци.
„Генерално, локалните медиуми се користат за странска агенда каде што овие странски агенди се контекстуализираат со важни прашања за државата Северна Македонија, каде меѓу другото патриотизмот им служи и се совпаѓа со странските агенди кои имаат за цел дестабилизација на државата“,
вели Едлира Палоши Диша, експерт истражувач за медиуми и комуникации.
Како патритизмот може да служи на странски агенди? Според истражувањето на невладината „Демокраси лаб“, во кое биле анализирани десетици илјади објави во медиумите и на социјалните мрежи од мај до ноември минатата година, тоа се прави преку ширење на посебно дизајнирани содржини за Македонците и за Албанците. Така, на пример, на македонски јазик:
„Некои написи отидоа дотаму да ги обвинуваат македонските академици кои се за компромиис како бугарски агенти“,
се наведува во истражувањето.
Додека, на албански јазик:
„Лажен протечен документ циркулираше на Фејсбук (и еден портал на албански јазик) за наводен таен план на партиите на Македонците да го поништат Охридскиот рамковен договор“,
пишува во истражувањето.
Резултатот од ваквите и слични содржини е:
„Ваквите наративи честопати им служат на интересите на надворешни актери како Русија, кои историски ги искористуваат етничките тензии на Балканот за да спречат единство и интеграција на Западот. Поделеното општество по етнички линии е помалку веројатно да има кохерентна надворешна политика или непречено да се приклучи кон западните структури. Така, ултранационалистичката дезинформација, иако навидум „патриотска“ во своето раскажување, на крајот се усогласува со странски деструктивни цели“,
се наведува во истражувањето.

„Препораките од ова истражување ги вклучуваат сите актери, без разлика дали се директно или индиректно дел од оваа проблематика, и тие се јасни за сите институции. Генерално се препорачува да се поттикне медиумското образование и дигитализацијата. Нешто што е многу важно е насочено кон државните институции кои треба да бидат поотворени и потранспарентни кон јавноста и да не дозволат да се создаде информативен вакуум кој понатаму овозможува овој моментум да се искористи за повеќе дезинформации“,
вели Палоши Диша.
Консултантката за стратешки комуникации и справување со дезинформации Светлана Силјановска оценува дека „производството“ на штетни наративи води сметка за поделеноста на општеството по различни основи. Тоа го објаснува преку алгоритмите по кои функционираат онлајн медиумите.
„Во суштина, што се случува? Алгоритмот на социјалната мрежа којашто денеска ја користите во текот на денот, детектира која е содржината којашто вас ве интересира и доколку, да речеме, вие сте идеолошки десничар, ќе ги селектира и медиумите, односно онлајн порталите коишто веќе имаат содржини на социјалните мрежи на своите профили на социјалните мрежи, и само тие содржини ќе ви ги пласира“
„360 степени“: Создавањето штетни наративи за различни општествени групи го отвора и прашањето – која е целта?
„На пример, низ пластичен пример – тоа е поттикнување на чувството дека работите не се случуваат со активна промена на граѓаните. Еве да речеме, во нашиот случај тоа се изборите. Целта е да се стигне до што е можно поголема пасивизација и неизлезност на изборите, бидејќи на тој начин, еве да речеме политичките партии, ќе имаат работна задача да го мобилизираат само своето членство и на тој начин ќе ги добијат или изгубат изборите само со мобилизација на своето членство, немајќи се воопшто со придобивање, условно кажано нели, на граѓаните коишто се неопределени или не се во нивните гласачки бази“,
вели консултантката за стратешки комуникации и справување со дезинформации, Светлана Силјановска.

На темата странско мешање и манипулации со информации неодамна се одржа дискусија во Скопје, во организација на Институтот за комуникациски студии.
На дебатата беше присутна и консултантката за медиуми во ОБСЕ/ОДИХР, Франческа Боџери, која била дел од мисијата на изборите во 2017 година во Македонија. Таа се фокусираше на наративите за време на изборниот период.
„Пораката е дека манипулациите со информации се глобален предизвик. Не е предзивик само за Македонија или за одредена земја. Имаме препораки, научени лекции и искуство од повеќе од 50 држави во светот, различни региони во светот. Сакам да споделам дека ова е глобален предизвик и никој не може сам да се справува со него. Напорот за повеќесекторски пристап функционира најдобро. И успешните држави се тие кои навистина го ставаат во функција овој систем, како кохезија и соработка меѓу државните институции и граѓанското општество. Тоа е голем успех“,
порачува консултантката за медиуми во ОБСЕ/ОДИХР, Франческа Боџери.
Дел од меѓународните претставници и експерти го споделија своето и искуството на своите држави, во обидот да воспостават најсоодветен модел на превенција.
„Ќе нагласам примери како Шведска и Агенцијата за психолошка одбрана. Франција има силна Агенција за справување со дигитални закани која се вика „Виџинум“, Украина од очигледни причини има силна инфраструктура за справување со манипулации и интересно е што во оваа фаза нема единствен унифициран модел и љубопитен сум да чујам како е во други држави, бидејќи можеме да учиме од различни искуства, вклучувајќи ја и Северна Македонија“,
кажа независниот експерт за странско мешање и манипулации со информации, Федерико Сигурела.

Џон Мекарон Шипман од Службата за комуникации на Владата на Велика Британија зборуваше за начинот на превенција кој го спроведуваат тие.
„Силно ограничување за пристап кон социјалните мрежи – бидејќи имаме на некој начин невидлива рака, слободен пазар на онлајн-информации. „Резист“ функционира во Велика Британија, особено за работи кои не се објавени. Секое утро со колегите во канцеларија правиме извештај во 6 часот наутро за тоа кои информации доаѓаат како закана и ги пресретнуваме уште на почетокот. Нешто ни поминува, но функционира“
рече Џон Мекарон Шипман, Служба за комуникации на Владата на Велика Британија.

Препораките ги слушнаа и претставници на македонската Влада.
Пред аудиториумот објаснија дека е направена Национална стратегија за сајбер безбедност со која се детектираат хибридните закани и се отвора можност за подзаконска рамка која ќе биде своевиден патоказ.
„Ми се отвора мене лично една дилема, а тоа е дали преку рестриктивни мерки можеме да дозволиме ние да се најдеме во ситуација каде што навистина санкциите ќе се чувствуваат како санкционирање, каде што ќе се чувствуваат како поделба, политизација во јавниот дискурс и затоа мислам дека е најдобро ова да го третираме како општествен проблем на кој што треба институционално во соработка со сите општествени чинители да одговориме и како Влада го имаме тој став и денешниот настан е показател дека навистина сакаме да ги вклучиме сите страни“,
рече владината протпаролка Марија Митева.

На прашањето, кој е најсоодветен избор на модел или механизам за заштита, Силјановска вели – европската регулатива која го обврзува социјалните мрежи да ги филтрираат штетните наративи.
„Она коешто ние го немаме, а насушно ни е потребно, е Актот за дигитални услуги. Европската Унија веќе го користи на големо овој механизам со којшто располага за да може да воведе некаква регулација врз содржината којашто се пласира и на којашто се изложени граѓаните на ЕУ на социјалните мрежи. Кај нас е бришано поле по тоа прашање. Социјалните мрежи имаат целосно ослободување да пласираат каква сакаат содржина. Постојат неколку модели и можности за факт-чекинг, меѓутоа тие бараат многу големи ресурси од страна на организациите коишто се занимаваат со факт-чекинг, кои ресурси пак се повеќе се намалуваат да речеме на меѓународно ниво“,
вели Силјановска.
Досега е формирана неформална работна група со претставници од повеќе институции кои се посветени на проблемот со странското мешање и манипулации со информации.
Што и да се прави во моментов, се чини недоволно. Барем судејќи според количината на штетни наративи кои си наоѓаат место не само на социјалните мрежи, туку и во потрадиционалните медиуми.
