Израел и Палестина продолжуваат со жестоките напади во кои досега загинаа најмалку 30 лица. Според израелските медиуми загинати се двајца Израелци, а палестинското Министерство за здравство рече дека убиени се најмалку 28 лица во Појасот Газа.
Според светските агенции, во нападите биле повредени повеќе од 60 лица.
Израелската армија соопшти дека бомбардирала тунел на Хамас на северот од Појасот Газа, во кој, како што се верува, имало голем број членови на таа организација, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Израелската армија претходно потврди дека извршила ракетни напади врз Појасот Газа, наведувајќи загинале дека тројца членови на милитантната организација Хамас, која претходно го ракетираше Ерусалим, по истекот на ултиматумот упатен до израелската влада за повлекување на безбедносните сили од кругот на џамијата Ал Акса.
Во извештајот на „Џерусалим пост“ се наведува дека меѓу убиените членови на Хамас е и еден од командантите, кој бил меѓу примарните цели на возвратните ракетни удари на израелската армија.
Во Ерусалим се огласиле сирени за предупредување на ракетен напад, а набргу потоа се слушнале и детонации, јавија светските агенции.
Палестинскиот Хамас вечерва соопшти дека истрелал повеќе од 130 ракети во правец на Тел Авив како одговор на израелскиот воздушен напад што уништи станбена зграда во Газа.
„Сега го исполнуваме ветувањето со голем ракетен напад врз Тел Авив и неговите предградија, со 130 ракети, како одговор на непријателските гаѓања врз станбени кули“,
се вели во соопштението на вооруженото крило на Хамас.
Сирените за воздушен напад се активираа во Тел Авив и се слушнаа и неколку експлозии.
Во екот на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Хамас, израелската авијација рано денеска ракетираше 13-катна зграда во Газа, која целосно се урна.
Жителите на зградата беа предупредени за нападот и евакуирани еден час пред израелските ракетни напади.