Во соопштението кое вечерва го испратија, од Министерството го откриваат и идентитетот на убиениот – В. Е. (59). „360 степени“ веќе објави дека лицето кое утринава беше убиено кај трговскиот центар „Мавровка“ е Васил Е. и дека не е адвокат, како што се известуваше од повеќе медиуми во текот на денот. Васил Е. е роден 1965 година, живеел и работел во Скопје, а по потекло е од Струмица
Полицијата и вечерва ја продолжува потрагата по третиот осомничен за убиството кое утринава се случи кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, откако претходно во текот на денот веќе уапси две лица осомничени за случајот.
Од МВР информираат дека веднаш по добиената пријава за пукањето се извршени претреси и прегледи на повеќе локации и возила. По наредба на судија на претходна постапка, полицијата извршила претреси на четири локации за кои, според МВР, постојат индиции дека престојувале лицата вклучени во кривичното дело.
„При преземањето на мерките и активностите пронајдени се доволен број на материјални докази. Се преземаат мерки за пронаоѓање и на третото осомничено лице односно целосно расчистување на случајот во координација со Основното јавно обвинителство Скопје“,
додаваат од МВР.
Двете приведени лица, за кои постои сомнение дека сториле кривично дело убиство, како што соопштија од МВР, ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка по целосно расчистување и документирање на случајот.
Во соопштението кое вечерва го испратија, од Министерството го откриваат и идентитетот на убиениот – В. Е. (59).
„360 степени“ веќе објави дека лицето кое утринава беше убиено кај трговскиот центар „Мавровка“ е Васил Е. и дека не е адвокат, како што се известуваше од повеќе медиуми во текот на денот. Васил Е. е роден 1965 година, живеел и работел во Скопје, а по потекло е од Струмица.
Иако истрагата во почетната фаза имаше индиции дека можеби станува збор за облик на изнуда, досега собраните докази упатуваат на тоа дека сторителите го следеле Васил Е. за да го ограбат. Причина за тоа е заедничкиот бизнис што Васил го имал со неговата сопруга, поврзан со изработка и продажба на накит. Дуќанот е во трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром. Конкретна цел на сторителите бил накитот што Васил го превезувал во својот автомобил.
Објавивме и дека Васил бил застрелан со еден истрел, најверојатно од зад грб, како и дека сите тројца напаѓачи се од исто семејство од Скопје, кое и е познато на полицијата од претходни криминални случаи.