За време на апсењето во Албанија, кај лицата биле пронајдени фалсификувани лични документи за кои постои сомнение дека тие ги користеле за полесно да ја напуштат територијата на Македонија и да го избегнат кривичниот прогон

Двајца припадници на организираната криминална група „Беланоца“ се уапсени во Драч при заедничка и координирана полициска акција на македонската полиција, американската Дипломатска-безбедносна служба (ДСС) и безбедносните органи на Република Албанија, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Лишени од слобода се М.Џ. (26) од Скопје и С.Н. (34) роден во Норвешка. По двајцата биле распишани меѓународни потерници од Интерпол за низа тешки кривични дела.
Уапсените членови на озлогласената група се товарат за тешки кривични дела, меѓу кои убиство и убиство во обид, тешка телесна повреда, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и злосторничко здружување.
За време на апсењето во Албанија, кај лицата биле пронајдени фалсификувани лични документи. Постои основано сомнение дека тие ги користеле овие исправи за полесно да ја напуштат територијата на Македонија и да го избегнат кривичниот прогон.
Од МВР велат дека оваа успешна меѓународна операција е резултат на повеќемесечна интензивна соработка и размена на информации меѓу македонските полициски служби, американската ДСС и албанските безбедносни органи.
