„Разбирам дека има центри коишто сакаат ова да биде интерес, а не работата на новата влада. Да биде интерес кој кому намигнал, кој зошто вака-така кажал, а да не биде интерес половина милијарда евра градинка, училиште, сала, реформи… Разбирам дека има и такви центри, но јас би сакал да зборувам повеќе за вакви проекти како овој денеска“, одговори премиерот кој присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на градинка во скопската општина Бутел
Бугарското државјанство кое го поседува министерката за енергетика Сања Божиновска, а кое таа се обиде да го сокрие од јавноста, не е тема за која би зборувал премиерот Христијан Мицкоски. На прашање на „360 степени“ дали тој знаел за двојното, односно тројното државјанство на Божиновска кога ја предложил за министерка во неговата влада, Мицкоски не одговори конкретно.
Тој се обиде да ја оправда со образложение дека не треба се да се наведе во биографијата.
„Не би се согласил дека криела од јавноста, не мислам дека треба во биографијата нашиот матичен лист да го ставиме, се што сме правеле. Еве, јас имам 46 години и ако напишев во биографијата се што сум правел, претпоставувам неколку тома ќе беа тие. Но, како влада остануваме отворени кон јавноста, тоа е нашата политичка определба, вие новинарите сте наши партнери и ние сме подготвени да одговориме на вашите прашања. Ве молам ценете ја нашата работа според делата, да ги оставиме политичките игри на страна. Разбирам дека има центри коишто сакаат ова да биде интерес, а не работата на новата влада. Да биде интерес кој кому намигнал, кој зошто вака-така кажал, а да не биде интерес половина милијарда евра градинка, училиште, сала, реформи… Разбирам дека има и такви центри, но јас би сакал да зборувам повеќе за вакви проекти како овој денеска“,
рече Мицкоски.
„360 степени“ минатата недела го обелодени случајот со министерката Сања Божиновска која, според запис од Трговскиот суд во Загреб, директорувала со хрватска фирма користејќи бугарски пасош. Објавивме и дека побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на минатата година, но дека постапката не е завршена. Меѓу прашањата што и ги испративме на Божиновска беше и дали некогаш поседувала или во моментов поседува државјанство на Република Бугарија, на што таа одговори:
„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.
Во интерес на фактите, во биографијата на Божиновска, доставена од мандатарот Мицкоски до парламентот, е наведено дека го знае чешкиот јазик и дека има работно искуство во Чешка, но не и дека има чешко државјанство.
Еден ден подоцна, Сања Божиновска за ТВ Канал 5 изјави дека имала бугарски пасош кој и е истечен и дека имала бугарско државјанство од кое побарала отпуст – процедура која, според неа, е финализирана.
„Не сметам дека фактот што некогаш сум поседувала бугарска патна исправа/државјанство може да е спорен од етички аспект, бидејќи јас и тогаш, а и сега се чувстувам само како Македонка. Идентитетското оспорување на Македонија од страна на Бугарија сметам дека е погрешна и контрапродуктивна политика, која, за жал, штети на натамошното унапредување на односите меѓу двете држави и се надевам дека во претстојниот период ќе бидат создадени услови овие прашања еднаш засекогаш да се надминат, а Македонија и Бугарија да се фокусираат на реалната соработка, каде несомнено спаѓа и енергетиката”,
се наведува во одговорот од Божиновска за Канал 5.
Но, во извештајот на Канал 5 се потенцира дека Божиновска не одговорила и дала има решение за отпуст од бугарско државјанство, односно дали нејзиното барање за отпуст е прифатено и таа и формално не е бугарски државјанин.
„Европски експерт“
Па оттука, направивме уште еден обид да добиеме одговор од премиерот Мицкоски – зошто не се докрај транспарентни во однос на бугарското државјанство на Божиновска, бидејќи се остава простор за манипулација со различни одговори од нејзина страна, на што Мицкоски вели:
„Не се согласувам дека ја манипулира јавноста, ќе го побарате одговорот од лицето за кое прашувате, јас само можам да кажам за Сања дека е исклучителен експерт, европски експерт и сум среќен што ја имам како соработник во мојот тим“.

Божиновска не е единствениот член на владата на Христијан Мицкоски со втора татковина. Таков е и вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи. Но тој, за разлика од Божиновска, во биографијата ги декларирал и државјанството на Северна Македонија и она на Белгија.
„Како прво, двојното државјанство не е забрането со закон ниту во Северна Македонија, каде што сум избран за член на владиниот кабинет, ниту во земјата каде што живеев 35 години, во Белгија. Тоа дури е дозволено во повеќето земји членки на ЕУ, каде имаме намера да се зачлениме. Декларирање на второто државјанство е прашање на транспарентност и е неопходно барем кога станува збор за етичко ниво. Кога се работи за високи државни функционери и би требало да е норма, односно добра практика која е инсталирана во владеењето затоа што овде нема ништо контроверзно или спорно особено кога се работи за пријателски земји“,
изјави Фетаи за „360 степени“.
Македонка со „българско национално съзнание”
Сања Божиновска можеби секогаш се чувствувала како Македонка, како што изјавила за ТВ Канал 5, но кога побарала и добила бугарско државјанство, морала да стави потпис на изјава дека има бугарско национално сознание.
Дополнително, барателот на бугарско државјанство изјавува и дека има бугарско потекло, притоа наведувајќи ги своите предци Бугари. Факсимилот подолу е дел од изјавата која се потпишува како дел од барањето за бугарско државјанство.
