Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју на „360 степени“ вели дека бил ироничен кога изјави дека никаде не го поврзал братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев со случајот за наводен рекет поврзан со РЕК „Битола“ што Мицкоски го обелодени пред неколку дена.
„Претпоставувам ја разбравте иронијата и сарказмот во мојата изјава. Јас зборував токму за тоа лице Вице Заев и за оваа фамилија на власт дека се длабоко замешани во вакви скандали уште многу пред ова да се објави на македонската јавност“,
вели Мицкоски.
Тој негира дека се дистанцира од брифингот со новинарите на кој го презентираше случајот за наводен рекет поврзан со РЕК „Битола“ и додава дека изјавата дадена вчера во Прилеп во која вели дека никаде не го споменал Вице Заев, тврди дека е иронична.
„Таман работа, не постои таков човек од кој јас ќе се исплашам. Тоа беше кажано така повеќе саркастично и иронично, но очигледно дека политичкото изразување треба да биде подиректно и поконкретно. Но, еве да појаснам дека не правиме чекор назад од брифингот, напротив, можам да потврдам“,
рече Мицкоски.
И АД ЕСМ и РЕК „Битола“ ги демантираа обвинувањата на опозицијата и рекоа дека станува збор за истите обвинувања што веќе ги демантирале во 2019 и 2020 година.
„Секако дека ќе демантираат, не очекувам да речат браво Мицкоски нè фати“,
коментира лидерот на опозициската партија.