Сите опции се отворени, ако в недела не се распушти Собранието, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за емисијата „360 степени“ што се емитува вечерва на ТВ Алсат. Мисајловски открива дека имало различни размислувања во органите на партијата кои чекори да ги преземе опозицијата и одлучиле до 16 февруари да останат во Собранието, за кога е закажана седницата за распуштање.
„Дали ВМРО-ДПМНЕ потоа ќе излезе на улица, дали ќе има дополнителни демократски мерки и слично, тоа ќе го договориме во партијата, ќе го соопштиме на јавноста, но сите опции се отворени. Не можам отсега да кажам што ќе се случи бидејќи на Извршниот комитет имавме многу голема дебата за овие прашања. Ги ставивме на кантар сите можни сценарија што ќе се случат. Но во тој момент одлучивме дека ВМРО-ДПМНЕ мора да биде до недела во Собрание за да се случи тоа што нам најмногу ни одговара – распуштање на Собранието“,
изјави Мисајловски.
Ова е дел од интервјуто со Мисајловски кое ќе се емитува вечерва од 22 часот на ТВ Алсат. Во емисијата „360 степени“ гостува и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.