Масовни протести во Русија по апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навали и негови блиски соработници.
Руската полиција денеска соопшти дека во текот на викендот ќе преземе мерки против масовните собири.
„Обидите за одржување неодобрени јавни собири, како и провокативни акции на нивните учесници, ќе се сметаат за закана за јавниот ред и мир и веднаш ќе бидат сузбивани“,
се наведува во соопштението на полицијата.
Протестите започнаа утрово најпрво во Хабаровск, град во југоисточна Русија. Демонстрантите бараат да се ослободи Алексеј Навални од затвор, а за време на протестите десетици учесници беа приведени.
Руската полиција го уапси опозиционерот Алексеј Навални веднаш по слетувањето во Москва на 17 јануари. Критичарот на Кремљ, се врати во Русија откако се лекуваше во Германија поради труење со новичок.
Во изминативе денови беа уапсени и други негови соработници, меѓу нив и портпаролката, Кира Јармиш, која беше приведена во текот на вчерашниот ден откако повика на протести. Уапсени се и координаторите на приврзаниците на Навални во Владивосток, Краснодар и Калининград.
Во околу 70 руски градови за денеска се најавени протести поради притворањето на Навални и државната репресија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги предупреди граѓаните да не учествуваат на тие илегални собири.
На Навални му е изречена мерка притвор од 30 дена. Руското судство го товари за прекршување на условната казна со неговото заминување во Германија поради лекување.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел го повика денеска рускиот претседател Владимир Путин да го ослободи Навални и да се спроведе транспарентна истрага во врска со обидот за негово убиство.