Во прилог на веста објавена на повеќе портали во која пишува дека при повторниот избор на Џафери за собраниски спикер тој се заколнал дека ќе ги почитува „Уставот и законите на Република Македонија“, објавена е и видеоснимка за која неточно се тврди дека е од конкретниот настан
Со едноставно проверување на видозаписите објавени на повеќе медиуми од истиот ден јасно се гледа и се слуша дека Џафери го кажува уставното име на државата давајќи ја свечената изјава при неговиот реизбор
Манипулација е веста објавена на повеќе портали дека актуелниот технички премиер и поранешен собраниски спикер, Taлат Џафери, во свечената изјава по неговиот реизбор на функцијата претседател на Собранието не го кажал уставното име на државата.

Во низата портали, меѓу другите и на „Плусинфо“, беше објавена вест со наслов „За што се колнеше Џафери во 2020 година? И поранешниот спикер не го спомна ‘тоа на С’ на заклетвата, па никому ништо!“, а во неа беше приложена и видеоснимка за која порталот тврди дека е од конкретниот настан.

Видеото оригинално е објавено на социјалната мрежа Икс од страна на извесен корисник под името Миталик, а линк од објавата е споделена во веста на порталот.

Но, во суштина, не е точно дека Џафери не го кажал уставното име на државата во свечената изјава при неговиот реизбор. Интернет-пребарување од конкретниот настан, одржан на 21 август 2020 година, нè води до медиумски објави во кои е интегрално пренесено обраќањето на Талат Џафери. Во заклетвата тој вели:
„Изјавувам дека функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија.“
Џафери беше реизбран за претседател на Собранието на 21 август 2020 година со 62 гласа „за“ и 43 „против“.
Објавата на порталите за наводната изјава на Талат Џафери, во која тој не го кажал целосното уставно име на државата при неговиот реизбор за претседател на Собранието, е во контекст на инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова која, давајќи ја свечената изјава, не го кажа уставното име „Република Северна Македонија“ туку ја искористи само именката „Македонија“.
- Инаугурирана новата претседателка: Митрески во заклетвата прочита ‘Република Северна Македонија’, Силјановска рече ‘Македонија’
- (ВИДЕО) Свечената изјава на Силјановска-Давкова што ја налути Грција
- Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна, порача Силјановска во инаугуративниот говор, кој им го посвети на жените
Неупотребата на уставното име од страна на Силјановска-Давкова предизвика низа реакции на меѓународната сцена. Освен од соседна Грција, на ова реагираа и челниците на Европската Унија. Употреба на уставното име на државата и почитување на Преспанскиот договор побара и македонското МНР.