Српската премиерка порача дека очекува кон иницијативата Отворен Балкан да се приклучат и другите земји од регионот бидејќи тоа би била прагматична и економски паметна одлука. Тоа што не се приклучуваат, вели таа, е политичка одлука
Северна Македонија и Србија имаат одлична соработка, оценија премиерите на двете држави, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ, на заедничката прес-конференција во Белград, каде што владина делегација од Скопје е во официјална посета.
Најголем дел од обраќањата тие посветија на резултатите од меѓусебната соработка, како и Отворен Балкан, а одговарајќи на прашање поврзано со оваа иницијатива Ковачевски рече дека границите меѓу државите се најголема глупост.
„Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници. Ако излезете на север од овде (од Белград), на само 200 километри од тука, граници нема до Скандинавија. А ако сакате да одите на Балканот, на секои 100 километри имате граници. Ако некои проекти не ги сакам кога ќе ми дојдат од ЕУ за финансирање, тоа е унапредување на гранична контрола. Нам не ни треба граници. Јас Западниот Балкан го замислувам како регион без граници, интегриран во ЕУ. Границите што во моментов постојат помеѓу земји кои имаат бесцарински режим меѓу себе и имаат пријателски односи, единствено се извор на корупција и ништо друго“,
рече Ковачевски.
Отворен Балкан, оцени тој, е оригинална иницијатива која е базирана на четири слободи на кои се заснова и ЕУ, а тоа се слободата на движење на: луѓе, стоки услуги и капитал.
„Секоја иницијатива има свои противници и критичари, меѓутоа оваа иницијатива и критиките секогаш засновани на претпоставки, а никогаш на реални податоци. Она што го кажавме со премиерката Брнабиќ, за само неколкуте придобивки за извозот, бројот на туристи, намаленото времето на транспорт помеѓу трите држави е уште една потврда дека иницијативата функционира и дава резултати“,
рече Ковачевски.
Тој претходно даде податок дека бројот на српски туристи во Северна Македонија во 2022 во споредба до 2021 година се зголемил за 500 отсто. Брнабиќ, пак, посочи дека увозот што Србија го прави од Северна Македонија се зголемил за 56 отсто.
„Вистина е дека како најголема критика за Отворен Балкан во регионот се упатува на тоа дека Србија има најголема корист од иницијативата. Вистината е дека Србија има корист, како и сите други, во случајот Северна Македонија и Албанија. Затоа и го дадов примерот за трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија“,
рече српската премиерка.
Кога ќе ги погледнете сите аспекти, рече таа, подеднакво е добро за сите три држави во Отворен Балкан: Северна Македонија, Србија и Албанија. Затоа, очекува да се приклучат и останатите земји од регионот.
„Апсолутно мислам дека на сите ни е во интерес и ни користи иницијативата, се надевам дека ќе видат следната година конкретни бројки и останатите во регионот ќе одлучат да се приклучат на иницијативата. Мислам дека одлуката да не се приклучите на иницијативата е политичка, а прагматичната економски паметната одлука е да се приклучат. Тоа (Отворен Балкан) е и добар симбол за младите генерации за да покажеме дека Балканот може да биде различен“,
рече Брнабиќ.
Целата прес-конференција можете да ја проследите на видеото во продолжение.