Од саботата до денеска попладне никој сè уште не поднел кандидатура за нов претседател на СДСМ, за што постапката е отворена до 3 декември
Во врска со тоа дали е прифатливо нов мандатар да биде Ковачевски, Гаши рече дека за Алтернатива е битно да се договори концептот, а не тие да одлучуваат за кадровски решенија на другите политички партии
Никој сè уште не поднел кандидатура за внатрепартиските избори за нов лидер на СДСМ, откако во петокот вечерта Централниот одбор на владејачката партија го одреди 12 декември како датум кога членството ќе одлучува за наследник на Зоран Заев, по официјализирањето на неговата оставка на партиската функција.
„Од саботата кога почна постапката за кандидирање и за организирање на внатрепартиските избори до денеска до 15 часот не е поднесена ниту една кандидатура за претседател на СДСМ. Постапката за кандидирање е отворена од 27 ноември до 3 декември, а кандидатурите може да се поднесуваат секој ден од 8 до 16 часот“,
изјавија за „360 степени“ од Изборната комисија на СДСМ.
Според тоа, кандидатура за иден претседател на СДСМ досега не поднел ниту заменик-министерот и член на Извршниот одбор на партијата, Димитар Ковачевски, кој отворено најави дека планира да учествува на внатрепартиските избори. Затоа, пак, тој и денеска се појави во Клубот на пратеници на средбата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кој во петокот (додека Заев ја образложуваше пред сопартијците оставката од лидерската функција) доби овластување од партиското претседателство да преговара со актуелниот премиер, но и со „неговиот евентуален наследник“ за влегување во Владата.
Во петокот пред две седмици беше можеби прв случај Заев да се појави на политички преговори во придружба на Ковачевски, кој до скоро не важеше за личност од најтесното опкружување на премиерот, сè додека неговото име не се спомна како можен нов претседател на СДСМ.
Минатиот петок, пак, додека заседаваше Централниот одбор на СДСМ, имаше информации дека Заев отворено го промовирал Ковачевски како свој фаворит за негов наследник. Сепак, таа информација не беше потврдена официјално на прес-конференцијата по завршувањето на седницата на ЦО, туку портпаролката на СДСМ. Богданка Кузевски тврдеше дека секој член на партијата кој ги исполнува условите според Статутот има право да се кандидира за претседател на СДСМ.
Иако, според неофицијални најави, можно е Ковачевски да има и противкандидат(и) на вторите внатрепартиски избори за лидер, дел од оние што се споменуваа како можни кандидати за наследник на Заев во СДСМ, во меѓувреме, јавно соопштија дека нема да се кандидираат, како што е случајот со доскорешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, но и со министерот за здравство Венко Филипче.
Според Правилникот на СДСМ за критериумите и постапката за кандидирање и за избор на претседател, за лидерската позиција може да се кандидира лице што најмалку пет години е член на партијата и најмалку еднаш бил избран на конгрес за член на некој од партиските органи, како за претседател, заменик-претседател, генерален секретар, член на Централниот или на Надзорниот одбор.
Пред почетокот на денешната средба во Клубот на пратеници, Заев не сакаше да коментира ништо и најави соопштение по состанокот.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, пак, рече дека определба на партијата е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза и како што рече, да и се помогне на државата да не ја изгуби историската шанса да почне преговори за членство во ЕУ.
„Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне“,
рече Гаши.
Одговарајќи на новинарско прашање колку министерски места очекува неговата партија, претседателот на Алтернатива посочи дека за партијата тоа никогаш не било од суштинско значење и оти е најважно да се разговара за политичките критериуми.
„Тоа прашање е втор дел кој е секундарен за нас и многу понебитен од првиот кој е нормативен, околу концептот кој ќе го градиме заеднички и дали ќе можеме да ги отстраниме тие пречки при досегашното функционирање на Владата“,
рече Гаши.
Тој вели дека партијата останува на ставот дека е во интерес на сите граѓани да нема брзи избори.
„Нормално, за такво нешто нема гаранција затоа што секогаш може да се соберат 61 пратеник и да одлучат да се распушти Собранието. Ние би сакале да се формира влада која ќе работи до 2024 година, ќе ги отвори преговорите за членство, ќе постигне значителен напредок за овој временски рок, ние или да бидеме или членка на ЕУ или да дојдеме при крај“,
рече лидерот на Алтернатива.
Во врска со тоа дали е прифатливо нов мандатар односно премиер да биде Ковачевски, Гаши рече дека за Алтернатива е битно да се договори концептот, а не тие да одлучуваат за кадровски решенија на другите политички партии.
„Ние преговараме со СДСМ и со другите партнери и многу ни е битно да се договориме концептуално како ќе продолжиме понатаму. Какви одлуки ќе донесат СДСМ и другите партии мислам дека е неодговорно и несовесно ние да поставуваме такво прашање. Не е одговорно ние да бараме од друга партија кој ќе биде мандатар или премиер. Мислам дека таа работа е на СДСМ, таа е најголема партија и тие треба да одлучат кој е нивен претседател или мандатар“,
рече Гаши кој, пак, на состанокот дојде во придружба на генералниот секретар на алтернатива, Беким Сали.