Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, изјави дека од утре почнува постапката за организирање на внатрепартиските избори, на кои, како што рече, ќе може да се кандидира секој што ги исполнува условите пропишани со партискиот Статут
На 12 декември ќе се одржат вторите внатрепартиски непосредни избори за нов лидер на СДСМ. Одлуката за распишување на изборите ја донел вечерва Централниот одбор на партијата, по повеќечасовна дискусија, а откако била констатирана оставката на Зорна Заев од лидерската позиција, по седницата на Извршниот одбор.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, изјави дека од утре почнува постапката за организирање на внатрепартиските избори, на кои, како што рече, ќе може да се кандидира секој што ги исполнува условите пропишани со партискиот Статут. Таа рече и дека право на глас имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат условите според Статутот.
Кузевска не даде одговор на прашањата дали Заев пред членовите на ЦО на СДСМ го промовирал Димитар Ковачевски како свој фаворит за иден лидер, туку инсистираше на тоа дека за претседателското место може да се кандидира секој што ги исполнува условите.
Рече дека Заев останува како активен член во СДСМ, што би значело дека тој не заминува од политиката.
Првите непосредни избори за лидер на СДСМ се одржаа во март годинава, кога Заев по третпат беше избран на функцијата, наспроти претходната практика партискиот лидер да се избира на конгрес. Тогаш Заев беше единствен кандидат за лидер.
Се очекува новиот лидер на СДСМ да ја преземе и премиерската функција, со оглед на тоа што Заев, на 31 октомври најави и оставка на претседателското место во Владата.
Пред околу една седмица, ВМРО-ДПМНЕ закажа редовен изборен конгрес, исто така, на 12 декември, со оглед на тоа што истекува првиот мандат на Христијан Мицкоски на чело на опозициската партија.