Два дена откако СДСМ ја почна постапката за одржување на внатрепартиските избори на 12 декември, извесна е само кандидатурата на заменик-министерот за финансии
Министерот за здравство Венко Филипче и потпретседател на СДСМ во изминатите седум месеци нема да се кандидира за претседател на партијата на вонредните внатрепартиски избори распишани за 12 декември.
Тој денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека нема таков интерес, а во однос на информациите дека ресорот здравство би можел да отиде кај евентуалните нови партнери во владејачката коалиција рече дека сега сè е во сферата на шпекулациите и дека во моментот фокусот е ставен на окрупнувањето на парламентарното мнозинство.
„Во однос на преговорите, сега сè е во сферата на шпекулациите. Тие сè уште траат во делот на усогласувањето на политичките ставови. И денеска премиерот има состанок со лидерот на Алтернатива, по што ќе се соопштат ставовите. Сега фокусот е на окрупнување на парламентарното мнозинство“,
изјави Филипче.
Два дена откако СДСМ ја почна постапката за одржување на внатрепартиските избори, извесна е само кандидатурата на заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, член на ИО на партијата, кој се споменува како фаворит на Зоран Заев за негов наследник, особено откако тие двајцата се појавија на првата средба во Клубот на пратеници со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Сепак, не се исклучува можност Ковачевски да добие и противкандидати, со оглед на тоа што на внатрепартиските избори право на глас има сите регистрирани членови на СДСМ.
Во март годинава Заев беше реизбран за лидер на СДСМ, првпат на непосредни избори, со 59 240 гласа „за“, 865 „против“ и 277 неважечки ливчиња.