Идејата на МOН е прво да се видат резултатите од пилот-фазата, ако има потреба, да се направат промени во програмите и дури потоа, како изборен, предметот да почне да се воведува во наставата
Но, и покрај тоа што предметот го слушаат само ученици чии родители се согласиле на тоа, а и во иднина тој би бил само изборен, на терен има гласна опозиција за негово воведување
Школското ѕвонче на крајот од седмиот час не значи и крај на училишниот ден за сите ученици во скопското училиште „Јан Амос Коменски“. За петнаесетина деветтоодделенци тоа е почеток на часовите по изборниот предмет што годинава го слушаат првпат – Сеопфатно сексуално образование или скратено ССО.
На часот на кој присуствуваме, тема беа љубовта и врските. Со разни методи за учење – игри, дебати и квизови, учениците треба да стекнат слика за вредностите и очекувањата во врските, да поттикнат критично размислување, да знаат да се почитуваат себеси и другите.
„Значи, што се случи во првото сценарио? Како се однесуваше Калин кон Марија, дали мислите дека неговото однесување е фер? Зошто?“
дебатираат наставничките со учениците.
„Децата се наоѓаат во еден период на адолесценција, период на вриење, каде што се пронаоѓаат себеси, градат ставови, се градат како личности. Ние тука треба да им помогнеме да изградат правилни ставови, правилен однос кон врската, еве денеска што го гледавте, каде да кажат не, на пример. Друго е кога некој ќе ви предочи нешто, ќе ви превенира, се изолирате од некои несакани последици“,
вели Елизабета Ивановиќ, психолог во ОУ „Јан Амос Коменски“, Скопје.
ССО од годинава почна како пилот-проект во вкупно три училишта во земјава. Се спроведува со согласност на родителите на децата кои ја посетуваат наставата. Иницијативата за негово формализирање во образовниот процес беше на невладината „Хера“. Откако во 2019 проектот доби зелено светло од тогашниот министер, Арбер Адеми, Бирото за развој на образованието изготви наставни програми и прирачници за часовите, а петнаесетина наставници лани беа и на обуки.
„Беше наставен кадар од факултет, Николина Кенинг, имаше обучувачи од ХЕРА, имаше психолози, социолози , тоа беше кадар кој веќе работеле на оваа тема, бидејќи темите се многу различни кои ги нуди овој наставен предмет. Секако, бевме обучувани и следени и од БРО и моравме да реализираме наставни часови кои беа од нивна страна оценувани, начинот на кој се изведуваат и целата методологија, практично ние ја поминавме искуствено“,
вели Ивановиќ.
Бидејќи проектот е во експериментална фаза, наставните материјали и прирачниците не се јавно достапни, но познати се темите кои се изучуваат:
1.Род
2.Врски и односи
3.Тело и слика за телото
4.Сексуално и репродуктивно здравје
5.Сексуалност
6.Насилство
7.Граѓански аспекти на сексуалноста и репродукцијата
„Во оваа програма се учи најмногу за врските, релациите, ненасилното однесување меѓу врсниците и целокупното здравје не децата“,
вели Славе Павловски, чија ќерка посетува часови по ССО.
Славе Павловски е родител на едно од децата кои учат Сеопфатно сексуално образование. Пред да ја даде согласноста за тоа, присуствувал на средби во училиштето на кои им било презентирано што ќе се учи.
„Бевме запознаени со целата програма, ни беа доделени брошури, ни беше кажано што точно ќе работат и ќе учат и заради тоа како родител којшто е алката меѓу наставниците и децата и нивното школување, одлучив мојата ќерка да ја пратам на ваков тип настава“,
вели Павловски.
Идејата на Министерството за образование е прво да се видат резултатите од пилот-фазата, ако има потреба – да се направат промени во програмите и дури потоа, како изборен, предметот да почне да се воведува во наставата. Неговото спроведување би одело рака под рака со новата Концепција за основно образование.
Но, и покрај тоа што предметот го слушаат само ученици чии родители се согласиле на тоа, а и во иднина тој би бил само изборен, на терен има гласна опозиција за негово воведување.
Највидливи се две-три групи на формални и неформални здруженија, кои освен против ССО, се и против дигитализацијата во образованието, но и ковид-мерките во училиштата.
Единственото формално регистрирано здружение во Централниот регистар е „Од нас за нас“. Основано е во 2019 година, а последниот финансиски извештај покажува дека нема вработени и дека лани имале вкупни приходи од 4 500 евра, сите од донации, членарини и подароци.
Претседателката Гордана Гоџо е позната во јавноста и по протести против вакцини, против ковид-мерките и против 5Г-мрежата.
„Значи ние не шириме никакви деизинформации, никакви фантазии, туку ние ги гледаме фактите“,
вели Гоџо.
Фактите, за кои зборува Гоџо, се оние кои ги користат и организации како американската “Family Watch International“, која на глобално ниво се залага против ССО, против ЛГБТИ-движењето, против абортусот и се што го смета за закана на традиционалните семејни вредности.
Главната теза им е дека со ССО се сексуализираат децата, што пак имало за цел тие порано да влегуваат во односи или да го сменат полот.
„Истите кои го промовираат ССО профитираат од абортусите и од операциите за промена на пол и од хормонални терапии. Во образованието не го сакаме сексуалното образование, онакво какво што е направено според предлогот на ХЕРА. Значи да за ССО од аспект на репродукција, апстиненција барем до полнолетство, не знам што има лошо во тоа, меѓутоа не за ССО онака како што е направено“,
вели Гоџо.
Од невладината ХЕРА, чии прирачници беа инспирација за изработка на материјалите за ССО, велат дека многу меѓународни истражувања покажале дека Сеопфатното сексуално образование придонесува не за зголемување, туку за намалување на бројот на абортуси и подигање на возрасната граница кога младите влегуваат во сексуални односи. За наставните материјали кои се употребуваат во земјава, велат дека се изработени по насоки од УНЕСКО, Светската здравствена организација и Обединетите нации.
Чувствителните прашања, за сексуалната и родовата ориентација, од ХЕРА велат дека имаат само информативна нота.
„Практично делот на ЛГБТ-прашањата е во делот на граѓански аспекти. Да се намалат предрасудите стигмата и дискриминацијата кон овие групи, бидејќи тие живеат меѓу нас и се дел од нашето општество. И тоа воопшто не се однесува на некаква промоција на ЛГБТ-идеологија туку едноставно повеќе на заштита на овие групи, нивно препознавање и на крајот нивна заштита од дискриминација и насилство“,
вели Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.
Надлежните за спроведување на ССО неколкупати го демантираа „Од нас за нас“, а ХЕРА поднесе и кривична пријава за ширење говор на омраза. Обвинителството, сепак, ја отфрли, бидејќи не нашло конкретна оштетена странка.
Меѓу спорните објави на тема ССО се контроверзни фотографии од книги од странство кои потоа се споделуваат како да се од земјава или вести дека предметот ќе се учи од најмала возраст.
„Цело време е вадење од контекст. Таквиот тип на пропаганда е некаков вид на омраза, во којшто преку некаков социјален страв се обидуваат и нашата организација и други организации кои се борат за ССО да ги делегитимираат со тоа што ќе кажат – вие сте против она природното, семејството, традицијата, нешто којшто овој свет и Господ го има изградено што е тотално ирелевантно и неточно“
вели Јовановски.
Но, освен за ССО, главен проблем за здруженијата како „Од нас за нас“, е новата Концепција за основното образование, каде што еден од основните столбови е обезбедување „родова сензитивност“ во сите предмети.
Па толкувајќи го овој термин, здруженијата шират вести дека содржини за сексуална и родова ориентација ќе има во сите учебници уште од прво одделение, што го прави ССО задолжително, а не изборен предмет.
Гоџо ги спори и стандардите на УНЕСКО, УНИЦЕФ, СЗО по кои се води и Концепцијата на МОН. Сепак, барем досега, во учебниците според новата концепција не нашла спорни содржини од овој аспект.
360°: Самите велите дека досега во овие одделенија нема забележано ништо спорно.
вели Гоџо.
Гоџо: Да, во четврто, мислам исто и во прво. Но, вие ме слушате ли што ви кажувам? Од нула до четири години децата ќе учат да бидат сексуализирани, значи догодина можеби градинките ќе се воведе. Ме разбирате? Ова е само почеток.
За да информираат за, како што велат, штетноста од ССО и родово-сензитивното образование, Здружението летово собираше донации за онлајн презентации на американска лекарка, Мирјам Гросман, позната по нејзините конзервативни ставови и анти-ЛГБТИ и анти-абортус заложби. На вебинарот со здружението, таа настапи во познат стил.
Здружението на Гоџо ја застапува нејзината теза дека „родово-сензитивно образование“ во пракса значи транс-пропаганда.
„Можеби во математика ќе имате задача – си играат три машки, пет женски и пет трансродови лица – колку вкупно? Ме разбирате? Во некои од задачите ќе треба да се вметнува во мозочињата на децата таа родова идеологија, по македонски можеби ќе имате лектира каде што некое дете наместо Пепелашка е Пепелашко“,
вели претседателката на „Од нас за нас“.
Од Бирото и Министерството за образование ги отфрлаат ваквите претпоставки. Потенцираат дека родовата сензитивност значи нешто сосема друго – дека во учебниците ќе се води сметка за рамноправноста на жените и мажите и за разбивање на стереотипите.
„Не секогаш да имаме прикажување на илустрации во учебниците од рана возраст каде што мајките се тие коишто готват, а татковците се тие кои работат и обезбедуваат живот во семејството, туку дека тие улоги во современото општество се веќе или сменети или ставени во позиција на еднаквост“,
вели Ајше Ајрулаи, раководителка во Биро за развој на образование
Истото го тврди и министерката за образование и наука.
„Многу е жалосно да кажеме што нивото на разбирање на родова рамноправност во нашето општество е на многу ниско ниво и директно се поврзува со ЛГБТ“;
вели Мила Царовска.
Токму за борба против дезинформациите Владата пред две години формираше Акциска група. Па, прашавме, што презеле за лажните вести поврзани со ССО? Конкретен одговор не добивме.
Министерката за образование Мила Царовска вели дека како ресор се борат со лажните вести преку транспарентност.
„Не е дека нема преземено ништо, сигурно дека нема да правиме контрапротести за ова прашање, но е многу важно дека ние во континуитет информираме навремено. И дневно објавуваме се што правиме. Исто беше за концепцијата, се направија дебати, се објавија сите документи, учебниците и видовте дека немаше реакции по истото, што укажува на тоа дека единствен начин за борба против лажни вести е континуирано и навремено информирање на сите засегнати страни за ризикот од подлегнување под лажни вести се намали“,
вели Царовска.
Имплементацијата на ССО и новата Концепција за родово-сензитивно образование, допрва ќе треба да се усовршува, а меѓународните стандарди и искуства од десетици земји кои одамна го имаат воведено, ќе треба да се приспособат на овдешното поднебје.
За најдобро да функционира, ССО треба да ја отсликува реалноста на учениците, а во едукацијата да се вклучат и родителите и институциите. Бидејќи, со или без нивна помош, младите сами ќе ги постават своите приоритети.