Уривање на дивоградбата на владината Служба за општи и заеднички работи ќе биде приоритет на Општина Центар, доколку СОЗР во меѓувреме не ја урне сама, вели градоначалникот Герасимовски
Од СОЗР пак, велат дека ја примиле наредбата за рушење на спорните елементи и дека „Службата ќе постапи во рамки на Законот“
Пред две недели „360 степени“ објави дека владината Служба за општи и заеднички работи изградила и оградила улица на диво во центарот на Скопје.
„Не може да пристапи тука, ниту пожарна, ниту Брза помош“.
се жалат соседите на СОЗР.
„Со кое право тие затвораат пристап до приватна сопственост, ни пешки не се поминува ни со кола, мене стварно не ми е јасно“

Директорот на институцијата призна дека свесно граделе спротивно на важечкиот урбанистички план, но не и дека прекршил некој закон.
„Значи, ние поставивме времена ограда, која можеме да ја тргнеме во било кој момент и тоа не е непочитување на законите“,
рече Мирчевски.
Мирчевски тогаш тврдеше и дека до него нема стигнато решение за рушење на градбите. Сега, од општината Центар велат – не е така.

Ако не сака сама да руши Владата, ќе руши локалната власт. Тоа е накусо одговорот лично од градоначалникот на општината Центар, Горан Герасимовски, по сторијата на „360 степени“ за дивоизградената улица и ограда од страна на СОЗР, во центарот на Скопје.
„Временски тоа би значело отприлика месец дена, отприлика до кај март, да се спроведе цела постапка за рушење, доколку во меѓувреме, СОЗР не ги отстрани рампите“,
вели Герасимовски.
Овој случај на владино спонзорирана дивоградба е од крајот на 2020 година.

Иако Деталниот урбанистички план за локацијата предвидува пристап до зградата на СОЗР по т.н Адвокатска улица, СОЗР на своја рака си поставила улица, која преку тротоарот за пешаци излегува на главниот булевар „Филип Втори Македонски“. Потоа, уличката е оградена на диво.
Газдите на околните парцели, чиј пристап бил блокиран, го пријавиле случајот уште во 2020 година. Инспектор од Општина Центар излегол на терен дури една година по пријавата, па на 15 октомври 2021 година издал Решение за уривање.
За нашата прва сторија на темата, од пред две недели, односно повеќе од три месеци по изготвувањето на решението, директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски тврдеше дека го нема добиено.

-Дали е спротивно на законите поставена или не, има институции кои..
рече Мирчевски во изјава за „360 степени“ дадена на 24 јануари 2022 година.
360°: Кои го утврдиле веќе тоа.
-Го утврдуваат.
360°: Го утврдиле.
-Вие велите го утврдиле, јас не сум видел решение дека го утврдиле. Ако вие сте го виделе тоа е друга работа, јас решението не сум го видел. Кога ќе го достават решението ние ќе ја тргнеме оградата и ќе постапиме како што инспекторот кажал.
Сега, градоначалникот на Центар го побива тврдењето на владиниот директор.
“Записникот е од 15.10.2021. И Заклучокот и Решението се доставени од страна на инспекторите од Општина Центар“,
вели Герасимовски.
Герасимовски вели дека Решението за рушење било доставено до СОЗР истиот месец кога било издадено – на крајот од октомври 2021 година. Дополнително, бил издаден и Заклучок за извршување, кој по два неуспешни обида, на 21 јануари 2022 година, бил доставен до СОЗР.

Зошто четири дена откако бил доставен и Заклучокот, директорот на СОЗР пред камерата на „360 степени“ тврдеше дека нема добиено такви документи, прашавме во оваа владина институција.
„Заклучокот за дозвола за извршување од 10.12.2021 година на Општина Центар – Скопје, е примено во Службта за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија и по негово процесирање согласно интерната процедура за движење на документацијата, со истото директорот на Службата е запознаен на 25.01.2022 година, ден по спроведеното интервју. А што се однесува до постапувањето по истото, Службата ќе постапи во рамки на Законот“,
се вели во одговорот од СОЗР.
Во целата постапка е вклучен и народниот правобранител, бидејќи соседите засегнати од градбата се обратиле и таму. По сторијата на „360 степени“ дека дивоградбата се уште е „жива“, институцијата повторно го отворила случајот.
„Се обративме повторно со допис до Општина Центар, во којшто бараме конкретни информации зошто ништо не е преземено од нивна страна и во кој временски рок се планира да се преземат кои конкретни дејствија. Притоа, им беше дадено укажување дека мора да се почитува законитоста при работењето од страна на Општина Центар во однос на конкретниов случај“,
вели Јован Андоновски, заменик-народен правобранител.
Непочитувањето на законите води кон правна несигурност, потенцира Андоновски. Па, во дописот до Општина Центар, омбудсманoт и укажал на Општината на обврската за доследна примена на законските прописи и неселективно извршување на донесените решенија.

„Тоа е скандалозно, значи станува збор за конкретна правна ситуација, а правото функционира на принцип на факти и докази. Овде неспорено е дека се прекршени и Законот за градење и попречено е правото на сопственост кое е уставно загарантирано и е неприкосновено. Значи, во овој случај како и во сите слични вакви случаи, никој не може да биде над уставот и над законите“,
вели Андоновски.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, кој го почна својот прв мандат пред околу три месеци, се согласува дека законот треба да важи еднакво за сите.
Ветува дека наскоро ќе ги сруши дивоизградените објекти, но и истовремено дека ќе најде решение за нормално да функционира комплексот владини згради.
-Без разлика дали станува збор за сопартиец или владина институција ние мора да постапуваме. И тоа го правиме и ќе го правиме во наредниот период. Улицата е отворена верувам, за да се убрза начинот и пристапот, којшто не може да биде од булевар. Има улица која што ќе се реконструира набрзо и пристапот ќе биде од другата страна. Да, ќе има рампа, но пристапот ќе биде од Адвокатската улица и оној дел којшто е асфалтиран од страна на СОЗР ќе го искористиме за да ја продолжиме улицата и да направиме мала адаптација, бидејќи малце висината е поткрената во тој дел и да ја направиме да биде пристапна како што е планирано во самиот ДУП.
360°: Како градоначалник кој се залага за почитување на урбанистичкото планирање и конечно воспоставување на ред во оваа сфера..
вели Герасимовски.
-Не го оправдувам ова. Не го оправдувам. И затоа ќе постапиме што е можно побрзо.
Кој и да ја урне спорната градба, трошоците ќе паднат на сметка на СОЗР. Дали директорот на оваа институцијата може дополнително да биде повикан и на одговорност за непочитување на законите, Герасимовски вели дека ќе оценат правните служби.
Соседите на СОЗР пак, веќе кројат своја тужба против Мирчевски, од кого планираат да бараат кривична одговорност за бесправно градење.