Откако атмосферата не стивна по десетина минути надвикувања на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со пратеничката Георгиевска, која е претседателка на Комисијата, таа ја прекина седница
Околу половина час траеше денешното продолжение на седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата на кое требаше да се дебатира за предлогот актуелниот републички обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија. По 20 минути мирна атмосфера, дискусијата се претвори во полемики и надвикувања помеѓу претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска од СДСМ, и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали на секој од нив треба да му се дозволи да изнесува процедурални забелешки или не.
Ова беше 20. продолжение на седницата откако на неколкуте претходни токму со процедурални забелешки и повеќечасовни говори пратениците од опозицијата одолговлекуваа со цел да се блокира изгласувањето на Јовески за предлог за уставен судија. Дека тоа е целта, од ВМРО-ДПМНЕ јасно порачаа и денеска.
„Тоа јавно ви го кажуваме, и на медиумите и на сите им е јасно дека Љубомир Јовески нема да помине, освен ако вие како претседателка не направите некој преседан, односно познавајќи ве како личност сметам дека такво нешто нема да дозволите ако не бидете принудена од одредени структури во вашата партија нешто насила да се донесе. Се надевам дека тоа нема да го гледаме“,
рече пратеничката Благица Ласовска во процедурално обраќање.
Таа го повтори ставот на нејзината партија, владејачкото мнозинство да ги повлече актуелните предлози, да се смени начинот на избор на уставни судии и да се повика стручната фела да предложи кандидати за уставни судии. Исто така, го истакна и веќе познатиот предлог самите кандидати да се поканат на седница на Комисијата за да може да им се поставуваат прашања, слично како што беше случајот и при избор на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација.
Георгиевска од СДСМ го дели ставот дека треба да се смени начинот на избор во иднина, но во овој момент, нагласи, си има утврдена постапка и согласно неа се постапува.
„За вашиот предлогот дека треба да се размислува за промена на начинот на избор, и јас се согласувам затоа што мислам дека ако има измени тоа ќе даде голем придонес околу демократскиот процес и граѓаните ќе имаат доверба во институциите“,
рече Георгиевска.
По ваквата размена на ставови, претседателката на Комисијата се обиде да ја продолжи дебата со останатите пријавени за збор, а откако констатираше дека Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, кој бараше да се обрати процедурално, не е ниту член ниту заменик-член на ова собраниско тело посочи дека опозицијата веќе ги злоупотребува воспоставените практики.
„Мислам дека почнуваме со злоупотреба на процедуралните забелешки затоа што како сакаме ги третираме. Јас целосно ги почитував процедуралните забелешки, вие знаете дека правев така, но не гледам никаква целисходност тоа да продолжи така“,
рече Георгиевска.
По ова почнаа дофрлањата од место на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како и инсистирањето на претседателката на Комисијата дека треба да се даваат процедурални забелешки на оние кои се членови или заменици-членови.
„Ако ми дозволите, јас ќе ви дадам дузина причини зошто треба да ми дадете (процедурална забелешка)“,
довикуваше Јаревски.
Мислам дека не треба да се довикуваме, зборуваше паралелно Георгиевска, додавајќи:
„Веќе злоупотребувате заради тоа што секоја процедурална забелешка ја претворате во материјална расправа и мојата коректност за секој да биде испочитуван и да каже вие ја злоупотребувате. Мислам дека практиката што се практикува каде на членови и заменици по непишано правило дозволено е да дискутираме процедурални забелешки, но ова почнува да се злоупотребува и не гледам целисходност во ова што се прави, некоректно е да продолжувате со процедурални забелешки сите што сте присутни … Доволно е членовите и замениците да ги кажат своите забелешки.“
Јаревски инсистираше да се обрати и тврдеше дека ако му се даде збор обраќањето ќе биде во полза на работата на комисијата. Додека тој говореше на микрофон паралелно со Георгиевска, другите пратеници во салата довикуваа од место.
Откако атмосферата не стивна, по десетина минути, претседателката ја прекина седницата.
„Очигледно е дека не сакате да работиме по точката на дневен ред. Овде давам пауза, ќе ве информирам преку службите кога ќе продолжиме со работа со седницата“,
рече таа.
Според најавите од собраниските служби, седницата треба да продолжи утре наутро.
Јовески, за кој ВМРО-ДПМНЕ уверува дека нема да стане уставен судија, е последниот од деветте кандидати за кои треба да расправа Комисијата. Него го предложија пратениците од СДСМ, исто како и кандидатите Татјана Васиќ-Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, и Фатмир Скендер, кој е актуелен судија во Апелациониот суд во Скопје. Васиќ-Бозаџиева и Скендер беа поддржани од мнозинството во Комисијата, кое го има власта.
Останатите шест кандидати, пак, како предлози од ВМРО-ДПМНЕ, не добија зелено светло од собраниското тело. Стануваше збор за: универзитетскиот професор, Саво Климовски; обвинителот Тодор Витларов од Вишото јавно обвинителство во Штип; судијата во пензија Бранко Секуловски; Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид; судијката од Управниот суд Весна Јовановска; и професорката од Правниот факултет во Скопје Родна Живковска.
Откако ќе заврши расправата во Комисијата и за Јовески, кој кога ќе дојде до гласање се очекува да добие поддршка од ова собраниско тело, трите предлози за уставни судии потоа ќе треба да бидат изгласани и на Собраниска седница.
Тие ќе треба да ги пополнат местата на поранешните уставни судии (Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски) чиј мандат заврши на крајот на мај лани.
Седницата на Комисијата за прашања за изборите и именувања за избор на нови тројца уставни судии беше закажана уште лани во јули, кога требаше да се утврдат предлозите, но помина во тензична атмосфера по што беше прекината.
Откако неколку месеци не можеа да се утврдат предлози, Комисијата за прашања на изборите и именувањата во меѓувреме претрпе и измени во составот. Нејзиниот поранешен претседател, Костадин Костадинов, на локалните избори во октомври 2021 година стана градоначалник на Струмица и го напушти парламентот. Дојде и до прекројување на мнозинството откако по истите избори Беса одлучи да излезе од мнозинството и да премине во опозиција. Одреден период се водеше и полемика дали нејзиниот пратеник Фадил Зендели треба да биде член на оваа комисија. На 3 март годинава модифицираното мнозинство, кое беше на став дека пратеникот не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција, успеа да го разреши Зендели. На пленарна седница на 16 март конечно се комплетираше составот на Комисијата кога Марија Георгиевска од СДСМ беше избрана за нова претседателка на местото на Костадинов, а нејзиниот сопартиец Дарко Каевски беше избран за нов член на местото на Зендели.
Додека пратениците повеќе од 16 месеци не може да изберат уставни судии, во Уставен се испразни уште едно место затоа што на судијата Јован Јосифовски му истече деветгодишниот мандат во јануари годинава. Во иднина, покрај изборот на судија за пополнување на неговото место, пратениците ќе треба да изберат уште еден бидејќи во ноември годинава истекува мандатот и на судијката Вангелина Маркудова.
Уставниот суд е составен од девет судии, со испразнети четири места тој веќе со месеци работи на границата на кворум за одржување седници, па ако до истекот на мандатот на Маркудова не се изберат нови судии тој ќе остане само со четворица судии што значи дека ниту ќе може да носи одлуки ниту, пак, ќе може да одржува седници бидејќи ќе нема мнозинство.