Го прашавме Заев како од позиција на премиер гледа на овие активности откако изборите се веќе распишани. Тој се повика на Изборниот законик и договорот од Пржино – дека од 20 дена пред почетокот на кампањата до крајот на изборите е забрането да се почнува со изградба на објекти или тие да се пуштаат во употреба. Увидот на терен го немало меѓу забраните
Лопати, ленти, голови – го одбележаа владеењето на експремиерот кој избега, Никола Груевски.
„Станува збор за два силни гиганта од Германија коишто ќе отвораат над две илјади нови работни места“,
рече експремиерот Никола Груевски на 25.08.2014г.
Тие прошетки и ветувања со години беа главна вест на најголем дел од медиумите, а владината пропаганда се пушташе на „најјако“ особено пред избори. Затоа Груевски „заработи“ и ваков епитет:
„Жално е Никола Груевски со спортските сали и со лопатите, лопатару еден“,
рече лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски, на 28.03.2011г.
Опозицијата го критикуваше пристапот, па дури и се потсмеваше на тоа што Груевски пушташе во употреба и маалски чешми. По изборите во 2014 година, се уште свежо избраниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, побара таа пракса да престане, повикувајќи се на ОБСЕ/ОДИХР.
„Меѓународната набљудувачка мисија побара цврсти гаранции за одвојување на партијата од државата, бидејќи се констатирани злоупотреби од страна на власта на Груевски и несоодветно разграничување на партиските од државните активности“,
изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на 19.06.2014г.
Некогаш „обесправениот“ опозиционер, Зоран Заев, од позиција на премиер на само месец и половина од одржувањето на локалните избори, пушти во употреба адреналински парк.
„Скејтери, ролерџии и бајкери во посебно уреден простор и амбиент“,
рече премиерот Заев на 02.09.2021г.
На почетокот на месецов, премиерот, министри, градоначалници го отворија и новиот објект на Бит пазар. Градоначалникот и неколку министри го отворија и реконтруираниот плоштад и градскиот парк во Крива Паланка. Следуваа увид во изградба на електрана за биогас во Сарамзалино, увид во изградба на водовод во Сарај, реконструкција на патот во Бојане.
Бојане е населено место во Општина Сарај. Го посетивме за да провериме што се случува на терен откако ќе заминат високите гости. Патот се гради. Некои жители се свесни дека тоа се прави пред избори, но не им смета.
„Изборите или изборните циклуси се минливи моменти, работите или интервенциите во инфраструктурата секогаш остануваат за нашите жители. Затоа, не треба да го сфаќаме како предизборна работа“
„Ние како жители на Бојане сме известени долго време, пред 1 или 2 години, дека започнале тендерските процeдури, како одат тие постапки, за да го добие компанијата тендерот, да работи. Средствата се распределени, а сега дојде време за работа. Важно е дека изборите ќе поминат, а патот ќе остане на жителите на Бојане“
„Не е инвестирано долго време, не ги знам точните години, но има повеќе од 10 години. Направени се инвестиции, на пример, пополнување дупки, но не и инвестиции од овој тип“,
рекоа жители на Бојане.
Набиената владина „ПР агенда“ ја прекина еден од најтрагичните настани во поновата историја на државата – пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово со 14 жртви.
Следуваше тридневна жалост и петдневен молк од премиерот, дотогаш секојдневно јавно присутен. Според експертот за односи со јавност, Гоце Пачемски, овој настан ги врати владините функционери во реалноста.
„Ваквиот настан им ја сруши стратегијата. Тие досега имаа една стратегија – политичката пропаганда. Пораки кои однапред се дефинирани за да ги остават или донесат на власт, сеедно. Ваквиот настан им ја сруши таа стратегија. Не можете да продолжите на истиот начин. Едноставно, јавноста нема веќе капацитет ниту желба да го слуша тоа. Таа бара одговори на конкретни прашања поврзани со кризата. Во таква ситуација, на така поставена стратегија, не можете да се адаптирате“,
вели Пачемски.
Сепак, по неколкудневна пауза, владината „ПР агенда“ продолжи со посета на премиерот, министри и градоначалници на пречистителна станица во Штип која е во завршна фаза од изградбата.
Таму добивме можност да го прашаме, како од позиција на премиер гледа на овие активности откако изборите се веќе распишани. Заев се повика на Изборниот законик и договорот од Пржино, дека од 20 дена пред почетокот на кампањата до крајот на изборите е забрането да се почнува со изградба на објекти или тие да се пуштаат во употреба. Увидот на терен го немало меѓу забраните.
„Критикувавме почеток на градби со лопатите, темелите и сл., критикувавме црвени панделки и ленти, пуштање во употреба, сега го нема…“
– Можеби лентите и панделките ги нема, но вие сте сеприсутен последниве недели.
„Само да дозавршам. Сега ги нема црвените панделки, значи нема пуштање во употреба, ниту пак ги има лопатите и камен-темелниците за почеток на градба. Тоа беше нашето барање, тоа е постигнато. Опозицијата наша тогаш тоа го бараше, власта тогашна тоа го прифати и денеска тоа е како што е секаде во светот“
– Значи сметате дека од етички аспект е дозволиво?
„Од етички аспект е дозволиво правење увид, не е дозволено пуштање во употреба…“
– А пуштање во употреба адреналински парк во Скопје? Бевте.
„Пред седми, пред седми септември“
одговори Заев.
На Изборниот законик се повика и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, дека забраната на градба на објекти не се однесува на работите планирани со годишна програма.
„Не е ова истото затоа што работиме тековно, на тековните проблематики и тоа е нешто што е во Изборниот законик – владата и институциите да работат тековно, но притоа да не пуштаат во употреба и сето она што е забрането со членот осум – а и тоа го почитуваме секако“,
смета Бочварски.
Владините функционери имаа објаснување, но тоа не значи дека уживаат разбирање кај граѓаните. За жителите на Штип со кои разговаравме, посетата беше за „собирање поени“.
„Тоа е веќе изживеано, дежаву, народот не можеш веќе така да го лажеш како што го лажеа пред 10, 15 или 20 години. Народот е многу разочаран и од оваа и од таа власт“
„Нешто ако мислиш да направиш, треба тоа да се направи, а не кога ќе дојдат избори – ќе направиме ова, ќе направиме она. Тоа не е во ред“
„Сите работи што се случуваат се случуваат пред избори. Не гледам некоја разлика од изминатите години за други избори“
„Лично јас си знам за кого ќе гласам. Тоа нема никакво влијание кај мене“,
велат жители на Штип.
По Штип, веќе следниот ден премиерот, првиот вицепремиер, министри и градоначалници заминаа во Сарај, во посета на приватна фабрика. Таму добивме шанса да побараме став од заменикот на премиерот, Артан Груби. Тој не цитираше законски одредби, туку се повика на владините задачи.
„Тоа е задача на Владата да гради, да прави проекти, да реализира. Ова е всушност приватна инвестиција и сме дојдени како гости на приватните инвеститори“,
одговори Груби.
На актуелниот градоначалник на Град Скопје, пак, Петре Шилегов, не му е важно дали се работи за предизборен период.
„Тоа се активности кои, прво беа надвор од датумот за доставување на кандидатурите, и адреналинскиот парк и Бит пазар, меѓутоа и двете работи се работи кои ги направи Општина Карпош, а другата Градот со давање сообраќајни решенија помогна да се изгради тој паркинг таму“
– Скопје е раскопано на многу страни и е тешко да се помине. Мораше сега да се раскопа пред избори? Тоа ми е прашањето. За тоа критикувавте кога бевте во опозиција.
„Би сакал да ве вратам во континуитет на политиките што ги креирав јас како градоначалник, вие ме носите во тој дел со прашањето, во Градот Скопје во изминатите четири години, без оваа, се реконструирани над 40 сообраќајници. Значи не станува збор за инцидент, туку станува збор за доктрина“,
рече Шилегов.
ПР експертот Пачемски смета дека комуникацијата со јавноста е маратон, а не спринт пред финишот.
„Контрапродуктивно е ова што сега го прават политичките партии за нив. Не го правеле тоа долго време и сега на крајот велат „аха, ние го направивме“. Никој не им верува во тоа. Тоа не им носи политички поени, ниту ја гради нивната доверба. Туку напротив ги одбива затоа што луѓето велат „аха, ти всушност сакаш мене да ме излажеш“. Тоа е ефектот од ваквото однесување“,
вели Пачемски.
Затоа, смета дека предизборните активности се насочени кон одредена таргет група.
„Јас мислам дека тука станува збор за пораки смислени за мотивација на она членство во политичката партија кое во монентот е многу блиско до актуелните раководства во партијата. Тука не станува збор ниту за сите членови и симпатизери, тоа е поширок круг. Станува збор само за припадниците на кланот кој во моментот раководи со политичките партии. Тоа е докажан феномен во Македонија и во политичката култура во изминатите 30 години во Македонија“
додава тој.
Од Државната комисија за спречување корупција забележале дека токму сега, на крајот на четиригодишниот мандат, многу локални власти почнале големи проекти.
„Иако тоа не е директно прекршување, бидејќи Изборниот законик предвидува дека во овој период не смее да се започне со изградба на објекти, да речеме од инфраструктурата, доколку за тоа не се предвидени средства и не се во планот, меѓутоа токму во овој период да се совпадне планот за изградба на овие објекти е навистина, во најмала рака, од етички аспект под знак прашалник“,
вели Владимир Георгиев, член на ДКСК.
Под прашалник или не, активностите од владината ПР агенда продолжуваат. Денеска премиерот не посети објект туку настан – одбележување 75 години од основањето на Сојузот на здуженија на пензионери на Македонија.
На крај, настанот се покажа како парадигма за тоа дека меѓу ПР-от и реалноста секогаш постои разлика. Присутните пензионери очекуваа тие, а не новинарите да поставуваат прашања до шефот на владата.
По реакциите, новинарите добија можност за прашања, но надвор од салата. Во салата, пензионерите си ја продолжија прославата без новинарите и без премиерот.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.