Птиците и другите животни во Куманово втор викенд по ред се најслободните жители на градот. Најголемиот дел од луѓето се дома.

По улиците, сепак, можат да се најдат оние кои имаат дозвола за движење, а ја добиле пред се за да им помагаат на своите сограѓани да останат дома.

„Најголема побарувачка има на прехранбени продукти. Млеко, леб, вода, сувомеснато и бебешки работи. Секако, има и за викенд што сакаат да останат надвор од Куманово. Тие нарачуваат рано од сабалје и вршиме навремена достава. Достава вршиме од 8 до 22 часот“,
вели Жарко Стојановски, продавач во една од кумановските продавници.
Стојановски дополнува дека бесплатната достава следува секому, независно дали ќе направи поголема сметка или ќе нарача едно млеко. Во исто време, внимава и самиот да не се зарази од ковид-19 или да го пренесе вирусот.

„Секако, преземаме мерки. Носиме маски и ракавици, имаме санитајзер во колата. При секоја достава или при секој допир на пари вршиме дезинфенкција на раце“,
вели Стојановски.
Градот не е оставен и без лекови. Но, од дежурната аптека велат дека немале многу нарачки. Во дежурната аптека што работи за полицискиот час ни кажаа дека малку граѓани ги побарале нивните услуги. Нарачките, главно биле за антибиотици.

Во изминативе 48 часа кумановци имале генерално дисциплинирано поведение. Според локалната полиција, само 4 лица досега се казнети за прекршување на полицискиот час. Ниту еден не е казнет затоа што ја напуштил самоизолацијата.

Она што ги загрижува кумановци е фактот што градот и денеска има најмногу новозаболени од ковид-19. Дополнителна тежина создава статистиката што од 18-темина новозаразените во последото деноноќие дури шестмина се медицински лица од кумановската болница.
*поврзана вест Нови 68 случаи на ковид-19 во Македонија, најмногу во Куманово
Со 10 починати, Куманово има најмногу починати од коронавирусот – речиси 30% од починатите од коронавирусот во земјава се од овој град.