Јулија Навална, вдовицата на Алексеј Навални, еден од најпознатите противници на Кремљ, се појави денеска пред руската амбасада во Берлин за да гласа за време на последниот ден од претседателските избори во Русија, пренесе Н1.
Пред гласањето таа ги покани своите приврзаници да излезат на гласање во исто време, денеска напладне, и да гласаат за кој било друг кандидат, освен за актуелниот претседател Владимир Путин.
Јулија Навална, која и покрај тоа што беше во егзил вети дека ќе ја продолжи борбата на својот сопруг, застана во редот пред амбасадата и со насмевка се согласи да се фотографира со симпатизерите.
— Кира Ярмыш (@Kira_Yarmysh) March 17, 2024
Неколку од нив дојдоа да ѝ подадат рака и да ја охрабрат, додека малку подалеку од амбасадата се одржуваа демонстрации против Путин и неговата речиси сигурна победа на изборите.
Јулија Навална добро го познава Берлин бидејќи во тој град остана неколку недели за време на закрепнувањето на нејзиниот сопруг во 2020 година, кога тој беше жртва на тешко труење што му се припишува на Кремљ. Кога Навални се врати во Русија од Берлин во јануари 2021 година, тој веднаш беше уапсен.
Во Русија денеска е третиот и последен ден од гласањето на претседателските избори на кои се очекува победа на Путин, кој е на чело на државата практично 24 години.