Во изјава за новинарите од Тел Авив, контраадмиралот Хагари рече дека во подрумот биле пронајдени команден и контролен центар на Хамас, самоубиствени елеци, гранати, автомати АК-47, експлозивни направи, РПГ и друго оружје
Војската на Израел објави дека пронашла складиште со оружје на Хамас по рацијата во тунел под болница во Газа. Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), контраадмирал Даниел Хагари, изјави дека откритието било направено во детската болница „Рантиси“ само еден ден откако биле евакуирани последните пациенти.
Болниците се во центарот на војната во последните денови. Хамас тврди дека не ги користи болниците како бази за своите операции. Болницата „Рантиси“ остана без гориво минатата недела и Израел им нареди на луѓето да ја напуштат додека продолжува со копнената операција.
Во изјава за новинарите од Тел Авив, контраадмиралот Хагари рече дека во подрумот биле пронајдени команден и контролен центар на Хамас, самоубиствени елеци, гранати, автомати АК-47, експлозивни направи, РПГ и друго оружје.
„Најдовме и знаци кои покажуваат дека Хамас овде држел заложници“,
рече тој.
Светската здравствена организација денеска предупреди дека најголемата болница во Газа, „Ал Шифа“, станува гробница.
Оттаму констатираат дека околу болницата има тела кои не можат да се однесат во мртовечници или да се закопаат.
Во близина на оваа болница во градот Газа во последните неколку дена се водат жестоки борби, а големиот недостиг на гориво влијае на лекувањето.
Десетици предвремено родени бебиња и 45 бубрежно болни на кои им е потребна дијализа не можат да добијат соодветен третман поради недостиг на електрична енергија.